ФУДБАЛ – ТАБЕЛА НА УЕФА ЗА ДОПОЛНИТЕЛНИ МЕСТА ВО ЛШ
- Англија, која беше прва минатите две сезони во рангирањето на УЕФА, сега води со коефициент од 10,5, а потоа се Португалија со 9,9, Белгија со 9,6, Германија со 9,571, Турција со 9,5… По претходната рунда, Англија имаше водство од 0,266 поени, а сега таа разлика е 0,6
По новата недела европски клупски натпревари, Англија ја зголеми предноста на првото место на табелата на Европската фудбалска унија (УЕФА) преку која се обезбедуваат две дополнителни места за настап во Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона. Во однос на претходното коло, поредокот во врвот остана ист, па така, по Англија следуваат Белгија, Португалија, Германија, Турција…
Во оваа рунда во трите европски купа, Лигата на шампионите, Лига Европа (ЛЕ) и Конференциската лига (КЛ), деветте клуба од Англија остварија по четири победи и ремија и еден пораз. Петте тима од Португалија забележаа по два триумфа, еден нерешен резултат и два пораза, петте екипи од Белгија имаа по две победи и ремија и еден пораз, седумте клуба од Германија забележаа четири победи, едно реми и два пораза, четирите клуба од Турција остварија четири победи…
Англија сега води со коефициент од 10,5, а потоа се Португалија со 9,9, Белгија со 9,6, Германија со 9,571, Турција со 9,5… По претходната рунда Англија имаше водство од 0,266 поени, а сега таа разлика е 0,6.
Дополнителните места преку ова рангирање, Европската фудбалска унија ги воведе пред неколку сезони. Во првата сезона победија Германија и Италија, а тие места за сезоната 2024/2025 во Лигата на шампионите, како петтопласирани во соодветните домашни првенства, ги освоија Борусија Дортмунд (во таа сезона играше во четврт-финалето), односно Болоња.
Во следните две сезони најдобри беа Англија и Шпанија, со тоа во Лигата на шампионите во сезоната 2025/2026 настапија Њукасл (осминафиналист), односно Вилјареал, а сезонава тоа се Ливерпул, односно Бетис, кои се на петтото, односно на шестото место по пет одиграни кола, со по 12 бода.
Во Лигата на шампионите и во Лига Европа се одиграа по пет од предвидените осум кола, а во Конференциската лига четири кола од вкупно шест што треба да се одиграат пред осминафиналето. За оваа табела, Европската фудбалска унија ги смета резултатите на сите тимови во сите три континентални клупски натпреварувања, потоа нивните пласмани на табелата (на пример, првопласираниот во ЛШ ќе донесе 12 поени, во ЛЕ шест, во КЛ четири, вторите места по 11,75, потоа 5,75, односно 3,75…, пишува УЕФА), напредокот во нокаут-рундите (клубовите што ќе стигнат до осминафиналето, четврт-финалето, полуфиналето или финалето добиваат по 1,5 поен за секоја таква рунда во ЛШ, еден бод за секое такво коло во ЛЕ, половина поен за секоја таква рунда во КЛ, пишува УЕФА)… Н.М.
































