Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (43)
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот нуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, за да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите е и на одговорното сопствеништво на милениците.
Во Македонија, ветеринарен доктор слободно може да одлучи, во согласност со протоколите и стручната процена, да пристапи кон евтаназија на улично куче заболено од лајшманиоза. Во истиот момент се загрижени одредени луѓе под лажна закрила на заштитата на животните, односно заштитата само на кучињата од сите животни, всушност за заштита само на уличните кучиња од сите кучиња, или најпрецизно, за заштита само на уличните кучиња што можат да се извезат. Тие загрижено бараат кучето веднаш да се пушти слободно да шета и да продолжи да ја шири болеста. Како и за многу кучкарски теми ќе слушнам: „Абе ш’о се замараш, батали ги немаат попаметна работа: немал ѓаволот работа па си ги такво децата“. А тие, пак, ѓаволски успеваат да ги нагризаат и да ги урнат здравите пори на нашето општествено ткиво, додека нашето колективно слепило ги третира темиве со потсмев како „кучкарски“. Параванот на кучкарството не дозволи да сфатиме дека од нас не само што се бара туку на големо се добива зелено светло да се шири смртоносна болест насекаде низ нашите улици.
Нелекуваната висцерална форма смртоносна во 95 проценти
Ај сега досадниот дел што не сакаме да го читаме: лајшманиозата е зооноза (заразна болест што може да се пренесе меѓу животните и луѓето). Таа заразна болест е предизвикана од паразитот Leishmania infantum, кој преку заразени песочни мушички може да се пренесе од животно на човек. Песочните мушички се исклучително ситни инсекти, долги само два-три милиметри. За разлика од комарците, тие можат да поминат низ отворите на комарниците, па ниту затворен прозорец со стандардна мрежа не гарантира целосна заштита. Нивното присуство е научно потврдено и во Македонија, каде што се регистрирани 11 вида. Тоа значи дека не зборуваме за некаков далечен или туѓ проблем, туку за вектор што е присутен и во нашата животна средина. Уличните кучиња се главниот домашен резервоар на паразитот. Човекот не мора да има куче, да го допира или да биде постојано во негова близина. Доволно е да го касне заразена мушичка. Може да седите на тераса во кафуле, да шетате, да работите во канцеларија, да спиете во сопствениот дом или кај швалерот. Нема привилегирани и заштитени луѓе.
Според Светската здравствена организација, во 2025 година во земјите и во регионите каде што висцералната лајшманиоза е ендемска биле пријавени над 16.000 нови случаи и над 480 смртни случаи. Македонија припаѓа на поширокото европско медитеранско епидемиолошко подрачје. Нелекуваната висцерална форма може да биде смртоносна во неверојатни 95 проценти од случаите! Деведесет и пет отсто е смртоносна ако не се лекува, а ти не си ни слушнал за неа? Дали некој доктор ти зборувал за нејзините симптоми? Не?! Е па внимавај, во Скопје, истражување на 410 кучиња открило антитела кај алармантни 27 проценти – значи секое трето куче! Во друга студија, од 84 пациенти со висцерална лајшманиоза лекувани во Скопје во периодот 2001-2023 година, смртноста изнесувала над 7,0 проценти (умрени за кои не си слушнал никогаш), а над 40 проценти пријавиле контакт со кучиња: најчесто улични. Италијанско истражување во Лигурија, спроведено врз над 36.000 кучиња од 2016 до 2024 година, утврдило серопозитивност од 15,0 проценти кај кучињата во прифатилишта, наспроти 6,0 проценти кај кучињата со сопственик.

Ова покажува колку е важна популацијата без сопственик во слободното ширење на болеста за разлика од милениците, кои се под строго контролиран третман и заштита за семејството и околината. Тоа е за Италија, медитеранска земја каде што речиси и нема улични кучиња да ја шират болеста, за разлика од кај нас каде што има неколку стотици илјади. Свеста кај многу сопственици е на високо ниво кога станува збор за болеста. Кога и покрај спроведеното лекување и заштита од ширење, болеста продолжува да напредува, тие со тешко срце и огромна болка прифаќаат евтаназија на сопственото куче, следејќи ја стручната процена на ветеринарниот доктор. Тоа е една од најтешките одлуки за секој сопственик, но и доказ дека одговорноста значи да се прифати болна одлука без да се негира реалноста. Тука е јасната разлика меѓу одговорните сопственици и неодговорното наметнување огромен ризик на колективитетот од страна на нестручна демагогија.
Проблемот е што заразеното куче не мора да изгледа болно. Паразитот може да биде присутен во кожата и во другите ткива, а песочната мушичка да го преземе и да го пренесе понатаму. Затоа брзиот тест не е доволен за конечна процена. Потребни се серолошки испитувања, титри на антитела, клинички и лабораториски наоди, а по потреба и ПЦР. Алопуринолот може да ја контролира болеста, но не гарантира елиминација на паразитот. Можни се релапси, а документирана е и намалена чувствителност на лекот. Евидентирани се во Македонија заразени кучиња, кои под притисок на „гласните“ се вратени слободно да шетаат на улица без лекување ниту контрола и остануваат извор на паразитот. А кој ќе обезбеди долготрајно лекување, заштита од инсектите и редовни контроли за илјадници улични кучиња? Кој ќе гарантира дека тоа навистина ќе се спроведува? Се прават кампањи под превезот на хуманоста, со јавни личности што настапуваат со категорични ставови за медицински и епидемиолошки прашања без стручни аргументи. Добро е за рејтингот да се застане на страната на гласните, колку и да биле глупави нивните барања. Но кога заразено куче ќе биде вратено на улица, секоја песочна мушичка што ќе го касне ќе го преземе паразитот и анонимно ќе им го пренесе на луѓето и на другите кучиња во околината. Тоа не е заштита на животните, туку тивко оставање бурен проблем без контрола.
Климатските промени дополнително го зголемуваат ризикот
Потоплите услови овозможуваат песочните мушички да се шират во нови подрачја и да бидат активни подолг период. Но има уште еден важен сигнал: професионалците со миленици во Македонија сè почесто укажуваат на присуство и откривање на лајшманиоза кај домашни миленици, вклучително и во урбани и приградски средини. Болеста не останува само во руралните подрачја или меѓу уличните кучиња. Кога заразени миленици живеат во непосредна близина на луѓето, а песочните мушички се присутни во истата средина, ризикот станува дел од секојдневниот живот. Тоа е причина за сериозен надзор, тестирање, превенција и за контрола.
Затоа ни треба долгорочен систем: чипирање и регистрација, контрола на популацијата, тестирање и следење на заразените животни, заштита од инсекти и епидемиолошки надзор. Ветеринарната и Лекарската комора мора јавно да се изјаснат. За овој проблем од јавното здравје треба да одлучуваат само и единствено припадници на меѓународниот пристап и концепт „Едно здравје“ каде што учествуваат хумани и ветеринарни доктори, епидемиолози, еколози, врз основа на состојбата на животното и ризикот за околината. Да се применува секоја мерка што може да биде неопходна за заштита на луѓето, а со тоа и на здравите животни. Ова не е натпревар кој е похуман. Ова е прашање на јавно здравје, превенција и одговорност. Заштитата на животните не смее да значи игнорирање на опасноста за луѓето. Одлуките мора да бидат носени од струката, а не од најгласните на социјалните мрежи. Животот на човекот не е тема за преговарање.
































