Фото: Пиксабеј

Воспоставен систем за обука и лиценцирање инструктори за адаптивно скијање во Македонија

Во Македонија се воспоставува систем за специјализирана обука и лиценцирање инструктори за адаптивно скијање, со што се создаваат услови за поголема вклученост на лицата со попреченост во зимските спортови. Системот го воспоставија Македонската асоцијација на инструктори по снежни спортови (МАИСС) и здружението „Без ограничувања“, со цел да се обезбеди стручно оспособен кадар што ќе може да понуди безбедна и квалитетна скијачка настава приспособена на индивидуалните потреби на секој учесник.
Право на учество во програмата имаат исклучиво кандидати што веќе поседуваат важечка лиценца за ски-инструктор. Станува збор за дополнителна професионална специјализација, преку која инструкторите ќе ги надградат своите знаења и ќе стекнат нови компетенции за подучување лица со различни видови попреченост. Обуката опфаќа теоретски и практични содржини, меѓу кои методика на подучување лица со физичка, сензорна, интелектуална и друга попреченост, адаптивно скијање во стоечка и седечка положба, користење специјализирана ски-опрема и помагала, техники на водење и асистирање, како и безбедност и процена на ризик на скијачките патеки. Предвидена е и практична проверка на стекнатите знаења и вештини, а програмата се темели на современи меѓународни практики во областа на адаптивните снежни спортови.
Воспоставувањето на овој систем претставува чекор кон посистемски развој на инклузивните зимски спортови во земјава. Со создавањето стручно оспособен кадар, лицата со попреченост ќе добијат поголеми можности за учество во организирана скијачка настава, со соодветна поддршка и опрема.
Иницијаторите посочуваат дека нивната цел е адаптивното скијање да не биде исклучок, туку составен дел од скијачката едукација во Македонија, овозможувајќи им на сите да ја почувствуваат радоста на снегот и планината, без разлика на индивидуалните можности. Со оваа иницијатива се поставуваат темелите за развој на адаптивното скијање како дел од домашната спортска практика и за создавање поеднакви можности за пристап до зимските спортови. С.Ј.