Македонскиот писател и поет Ѓоко Здравески ќе биде дел од претстојниот меѓународен поетски фестивал во Калкута „Чер поетри ивнингс“, кој од денеска до 29 ноември ќе се одржува во Калкута, Индија. Годинава е деветто издание на фестивалот, а ќе учествуваат дваесетина поети од Македонија, САД, Велика Британија, Франција, Холандија, Белгија, Полска, Кина, Словенија, Русија, како и поети од цела Индија. Избор од поезијата на Здравески, во рамките на фестивалот, е преведен на англиски јазик, со наслов „Телото памти сѐ“.
Ѓоко Здравески дипломирал и магистрирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш и на ИНАЛКО во Париз, како уредник во издавачките куќи „Бегемот“ и „Темплум“, како библиотекар на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет во Скопје. Објавил пет книги поезија, првите четири во едицијата „Огнови“: „Палиндром со две н“ (2010), „Куќичка за птици преселници“ (2013), „Љубавина“ (2016) и „Дедикар икарал“ (2017), а последната книга поезија „Небо трето“ (2025) ја објавува во издавачката куќа „Бегемот“. Поезијата му е објавена на десетина европски јазици. Од 2015 година е дел од европската поетска платформа „Версополис“. Во 2019 година во издавачката куќа „Бегемот“ ја објавил и книгата кратки раскази „Отсечки стварност“.