Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави реформи во Министерството за внатрешни работи, нови униформи, подобри услови за работа и зголемување на платите на полициските службеници. Тој најави и дека во иднина ќе има построги механизми за контрола на професионалноста и интегритетот на полициските службеници.
Во гостувањето во емисијата „Само вистина“ на телевизијата „Канал 5“, Тошковски оцени дека МВР мора порационално да ги користи човечките ресурси и да ги зајакне оперативните капацитети. Тој посочи дека новата систематизација и Законот за внатрешни работи биле одложени по политичка одлука, по реакциите на опозицијата.
Министерот најави дека до крајот на годината полициските службеници ќе добијат нови, модерни униформи, а во иднина се планираат и нови возила, подобри објекти и нов колективен договор.
Во однос на платите, Тошковски рече дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт имало зголемување, а платите дополнително се усогласуваат согласно годишните законски механизми.
– За професионалците и за оние што се столбот на безбедносниот систем во Македонија, во иднина ќе има и зголемување на платите, и нови униформи, и повеќе возила, и подобри услови за работа, и подобри објекти, и нов колективен договор – изјави Тошковски.
Тој се осврна и на потребата од расчистување на состојбите во полицијата, посочувајќи дека ќе има повисоки професионални стандарди и поголема одговорност за службениците што не ги почитуваат правилата и процедурите.
– Мора да се исчистиме од овие другите. Има и таму луѓе што се корумпирани – рече министерот.
Тошковски нагласи дека боди-камерите, кои треба да бидат воведени на територијата на целата држава до средината на 2027 година, ќе придонесат за поголема транспарентност и контрола на полициското постапување.
Во интервјуто тој зборуваше и за борбата против корупцијата, при што наведе дека МВР поднело кривични пријави против поранешни и актуелни функционери, но дека конечниот резултат зависи и од работата на Јавното обвинителство и судовите.
На прашањето дали планира да поднесе оставка по критиките од опозицијата, Тошковски одговори дека нема таква намера и дека останува посветен на работата во МВР.
Тој призна дека во изминатиот период, особено кога имал здравствени проблеми, во два наврата размислувал да се повлече од функцијата, но дека желбата за подобра Македонија и резултатите од досегашната работа го мотивирале да продолжи, пренесе МИА.
































