Фото: Министерство за внатрешни работи

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вечерва изрази жалење што една земја членка на Европската Унија е заштитник на сите осомничени и осудени за криминал.

Во емисијата „Само интервју“ на телевизијата „Канал 5“, прашан дали има соработка со бугарската полиција во врска со случајот со Ива Михаилова и изјавата на неговиот бугарски колега дека не планираат да постапат по потерницата и да ја вратат во Македонија, Тошковски посочи дека тоа говори за нив и дека Македонија треба да продолжи по досегашниот пат.

– Мене ми е многу жал што една земја членка на Европската Унија е заштитник на сите осомничени и осудени за криминал. Тоа говори за нив, не говори за нас. Ние треба да си го држиме курсот што го држиме. Треба да сториме сè за да ја направиме Македонија подобро место за живеење. Мислам дека сме на вистинскиот пат. Со сето ова што го правиме, мислам дека сме на вистинскиот пат – рече Тошковски.

Македонија, нагласи тој, за среќа, не е прибежиште за осомничени и осудени криминалци.

Во однос на истрагата за тоа како Михаилова ја поминала границата, посочи дека уште истиот ден биле демантирани, како што ги нарече, лажните тврдења на осомничената и нејзиниот адвокат дека таа легално ја преминала границата. Други детали не откри во интерес на истрагата.

Министерот Тошковски очекува резултати од дигитализацијата во наредните два-три месеци, посочувајќи дека на овој процес се работело две и пол години. Тој нагласи дека доколку правилно се инвестирало во изминатите десет години, немало да се случуваат проблемите со кои државата се соочува денес.

Македонија, подвлече, е планинска земја, при што 85 отсто од зелената граница се наоѓа во планински предели, поради што физички не може да се покрие ниту една десеттина од неа.

– Да почнеле со дигитализација пред десет години, сега ќе бевме дигитализирани. Да почнеле со Полициска академија пред десет години, сега веќе ќе имавме околу 1.500 до 2.000 обучени полициски службеници преку Полициската академија. Ако не и три илјади, зошто да не и три илјади – рече Тошковски.

Тој нагласи дека со европските партнери се работи на зајакнување на контролата на целокупната државна граница, а не само на зелената граница, пренесува МИА.