Како општество, еднаш засекогаш мора да престанеме да се лажеме и да почнеме да зборуваме отворено. Јас ќе говорам со бројки кои, за жал, зад себе имаат име, презиме, загубен човечки живот, многу болка и тага, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на втората панел-дискусија на тема „Системски одговор на насилството, превенција, заштита и одговорност“, што се одржа во рамките на кампањата „16 дена активизам“, под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилството“, во организација на Унијата, Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и Унијата на млади сили на партијата.
Тој посочи дека бројот на фемициди во 2026 година изнесува седум и дека сите знаат кои се жртвите, со име и презиме, а исто толку случаи имало и во 2022 година.
– Паметите некое име од 2002 година? Тоа не е бројка. Седум жени загинале како последица на семејно насилство и во 2022 година. Дали некој од вас го памети името на некоја од тие жени? Седум е бројката на загинати жени како последица на семејно насилство и во 2018 година. Дали некој од оние што протестираа денеска, граѓани чиј гнев го разбирам, чие незадоволство и разочарување ги разбирам, го памети името на жена која го загубила животот како последица на семејно насилство во 2018 година? – праша Тошковски.
Мора, потенцираше тој, отворено да се зборува за оваа тема, бидејќи семејното насилство е едно од најголемите општествени зла во Македонија. Доколку тоа се признае, ќе биде многу полесно во иднина да се утврди што треба да се направи и на кој начин.
– Фокусот на општеството во наредниот период мора секојдневно да биде насочен кон заштитата на жените и децата во Македонија, не само кога ќе имаме одреден кривично-правен настан. Минатата недела разговарав со речиси 40 новинари на брифинг и споделив дел од статистиката и податоците што ги имаме во Министерството за внатрешни работи. Побарав од нив максимален фокус на оваа тема, бидејќи само така можеме да се избориме со ова зло – здружени, сплотени, институциите, невладините организации, професорите, експертите, обвинителите, судиите, сите заедно – рече Тошковски.
Тој истакна дека ова општествено зло нема да се искорени преку ноќ и дека ќе бидат потребни многу работа, труд и енергија.
– Но, тргнавме со промени. Кривичниот законик е изменет во еден дел што е клучен за заштитата на жртвата. Со министерот за социјална политика, демографија и млади повеќе од пет месеци работиме заедно со невладини организации, професори, судии и обвинители. Кога велам заедно, мислам дека и јас и тој лично, заедно со останатите, најмалку седум-осум пати директно сме присуствувале на тие состаноци и сме дејствувале во насока на зајакнување на законските одредби, со цел да имаме подобар институционален одговор. Првото нешто што го направи МВР е враќањето на средното полициско училиште. Денес тоа функционира и ви гарантирам дека за десет години ќе имаме најмалку 2.500 до 3.000 обучени полициски службеници, кои ќе бидат темелот на државата кога зборуваме за безбедноста, а воедно и за заштитата на жртвите од семејно насилство. Тоа е првата системска работа што сме ја направиле во изминатиот период – рече Тошковски.
Тој појасни дека на централно ниво ги зајакнуваат капацитетите за соодветен институционален одговор на целата територија на државата. На состанокот што го одржале заедно со министерот и со јавниот обвинител биле утврдени конкретни точки за координација, кои треба да овозможат воедначен институционален одговор во случаите на семејно насилство.
Како трета особено важна мерка, министерот го посочи унапредувањето на постапувањето на униформираните полициски службеници и инспекторите на терен, за кое уверува дека за кратко време ќе биде на сосема поинакво ниво.
– Почнавме со тест-период на имплементација на радикално и исклучително важно решение, за кое гарантирам дека ќе донесе многу поголема додадена вредност за општеството дури и од „Безбеден град“. Секој униформиран полициски службеник ќе има боди-камера на себе, со која ќе се евидентира фактичката состојба. Тој ќе мора строго да постапува согласно дефинираниот протокол, а притоа сето тоа ќе биде евидентирано како службен материјал. Секоја комуникација со жртва или со насилник ќе биде евидентирана и документирана во рамките на МВР. Секој доказ што ќе биде обезбеден при постапувањето веднаш ќе биде споделен со јавниот обвинител. Нема ЦД-а, нема УСБ-стикови, нема, заврши. Институционалниот одговор, од аспект на брзината на реакцијата, во споредба со пред неколку години, па и со денес, ќе биде неспоредлив, особено за овој вид криминал. Ве уверувам дека ќе биде многу поинаку од она што сме навикнати да го гледаме, и од аспект на професионалниот одговор на институцијата, но и од аспект на почитта кон институцијата преку полицискиот службеник, кој во суштина е претставник на државата – рече Тошковски.
Тој истакна дека во делот на итните мерки против сторителите на семејно насилство, односно изрекувањето на најстрогата мерка од страна на судот, минатата година биле определени 44 притвори, додека годинава нивниот број изнесува 163.
– Институционалниот одговор, мерен преку изречените најстроги мерки – притвор, во 2026 година во споредба со 2025 година е зголемен за 300 отсто. Ве уверувам дека Македонија ќе ја направиме поубаво место за живеење со работа, отвореност, храброст и сплотеност. Ако целта на сите ни е да живееме во безбедна Македонија, тогаш фокусот на Македонија мора да бидат жената и детето. Мора да бидат жената и детето. Ова е многу, многу широка тема – додаде Тошковски.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, рече дека годишно добиваат од 50 до 60 пријави за врсничко насилство, кои се процесуираат согласно утврдениот протокол.
– Мојот впечаток, и за врсничкото насилство, но и за сите други облици на насилство, особено врз жените, е дека постоело и, секако, ќе постои. Наша задача е да го сведеме на минимум. Не сме изненадени од појавата на овие девијантни однесувања. Она што сакам да го кажам и што за мене е многу впечатливо е дека насилството станува сè побрутално, а бруталноста на насилниците навистина изненадува. Кога бев млада, имаше насилство, но немаше гаснење цигари врз кожата на жртвата, немаше присилно, насилно соблекување на жртвата, немаше понижување при кое жртвата мора да моли за милост за да не биде физички повредена. Но, сега се радувам што за ваквите појави зборуваме. Во минатото ниту жените ниту наставниците и родителите не зборуваа за ова. Отворената дискусија на оваа тема, де факто, води кон напредок. Колку и да е тежок и мачен периодот, сме се собрале да бараме решение – рече Јаневска.
Таа посочи дека решенија постојат, но дека нивната примена треба да се активира и интензивира.
– Она што ние го правиме во училиштата, пред сè во однос на врсничкото насилство, е активна и интензивна борба против оваа појава, каква што со години наназад не сме виделе. Веднаш по доаѓањето на власт ги донесовме законите за основно и средно образование, со кои ги задолживме училиштата во своите годишни програми задолжително да предвидат активности за работа со учениците против врсничкото насилство и сите други видови дискриминација, затоа што насилството претставува и еден вид дискриминација. Училиштата сега се задолжени да го прават тоа и ја спроведуваат оваа обврска – истакна Јаневска.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, рече дека во Македонија на располагање се десет шелтер-центри, како и советувалишта за психосоцијална поддршка.
– Секој што има проблем и кому му е потребна ваква поддршка треба да ги користи овие механизми, бидејќи луѓето што работат таму навистина се стручни, даваат одлични совети и знаат како да им помогнат на жртвите. Доколку има насилство, секој треба да биде мотивиран навремено да го пријави. Да не чекаме некој да стане жртва – додаде Велковски.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во обраќањето најави дека и во текот на наредната година ќе продолжи отворањето нови локации за привремено згрижување на жртвите на семејно насилство.
Тој посочи дека Градот веќе го направил првиот чекор со обезбедување целосно опремен стан за привремен престој на жртвите, нагласувајќи дека институционалната поддршка и создавањето безбедно засолниште се од особено значење за лицата што се соочуваат со семејно насилство.
– Првиот чекор што го направивме е обезбедувањето стан во кој привремено ќе бидат сместувани жртвите на семејно насилство и мислам дека тоа беше добар чекор. Дали тоа целосно ги решава проблемите? Не ги решава, но многу е важно во овој процес оние што се ранливи да знаат дека имаат на кого да се потпрат. Токму поради тоа, наредната година ќе продолжиме со обезбедување повеќе вакви локации. Секако, станува збор за локации што не се познати на јавноста, но се целосно опремени од страна на Град Скопје – рече Ѓорѓиевски.
Тој потенцираше дека, покрај привременото сместување, Град Скопје обезбедува и правна и психолошка поддршка за жртвите на семејно насилство.
Поддршката опфаќа транспорт, логистичка помош, разговори со стручни лица и пакети со храна, а преку соработка со приватни компании се работи и на нивно вклучување на пазарот на трудот.
Во меѓувреме, појасни Ѓорѓиевски, Градот соработува со сите невладини организации што нудат ваков вид услуги и им обезбедува финансиска поддршка, со цел да бидат опфатени што поголем број случаи на семејно насилство.
– Вториот чекор што го преземаме, бидејќи не е доволно само некого да згрижите и да му обезбедите привремено сместување, е обезбедувањето правна и психолошка поддршка од страна на Град Скопје. Тоа е нешто што го воведовме како новитет, а, за жал, со години наназад не било практика во Град Скопје. Третиот чекор е воспоставување контакти со приватни компании, со цел жртвите на семејно насилство да се вклучат на пазарот на трудот. На тој начин се заокружува еден процес што започнува со подавање рака и помош во првата фаза, кога обезбедуваме транспорт, логистичка поддршка, разговори со стручни лица и пакети со храна, а продолжува со нивно вклучување на пазарот на трудот – додаде Ѓорѓиевски.































