Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против сопственик и управител на правно лице, како и против самата компанија, поради сомнение за даночно затајување и фалсификување или уништување деловни книги.
Според Финансиската полиција, пријавата се однесува на сомнение за сторени кривични дела „Даночно затајување“ од член 279 и „Фалсификување или уништување деловни книги“ од член 280 од Кривичниот законик.
Од Управата информираат дека во текот на 2024 година, првопријавениот В.Т., во својство на сопственик и управител, со намера да стекне противправна имотна корист, присвоил трговска стока набавена и евидентирана како залиха на правното лице.
Стоката не била затекната при физичкиот попис извршен од пописна комисија формирана од стечајниот управник. Утврдениот кусок изнесувал 344.122.292 денари, а според наводите во пријавата, не бил евидентиран во сметководствената документација на компанијата.
Финансиската полиција наведува дека по овој основ не биле пресметани, пријавени и платени даночните обврски, и тоа:
-
ДДВ во износ од 61.942.013 денари;
-
Данок на личен доход во износ од 38.231.987 денари.
Вкупниот износ на неплатени даночни обврски изнесува 100.173.999 денари.
Според наводите на Финансиската полиција, со ваквите дејствија државниот Буџет бил оштетен за над 100 милиони денари.


































