Белорускиот претседател Александар Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, предложи заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски да отпатува во Москва на преговори за ставање крај на војната во Украина.
Лукашенко, кој ѝ дозволи на Русија да ја користи територијата на Белорусија за инвазијата врз Украина во февруари 2022 година, во интервју за францускиот весник „Ле Поан“ (Le Point), објавено синоќа, изјави дека, според него, руските сили победуваат на бојното поле.
Рускиот претседател Владимир Путин одамна го повикува Зеленски да дојде во Москва на преговори за решавање на конфликтот. Украинскиот претседател ја отфрла таквата можност, но истовремено изјавува дека е подготвен да се сретне со рускиот лидер на други, „понеутрални“ локации.
-Володја (Володимир) Зеленски и јас би можеле едноставно да одиме, да отпатуваме со авион во Москва. Заедно. Како гарант на неговата безбедност, би можел да седам до него и заедно да отпатуваме во Москва – изјави Лукашенко.
На забелешката дека Зеленски веројатно нема да се согласи со таков предлог, Лукашенко одговори: „Ако не се согласи, нека продолжи да војува. Нека оди на фронтот со автомат и нека се бори. Војната продолжува. Таа мора да биде запрена. А ние би можеле да постигнеме договор“.
Лукашенко оцени дека руските сили напредуваат бавно, но дека ја добиваат војната.
-Претседателот Путин сè уште победува на фронтот. Така стојат работите – истакна белорускиот претседател.
Руската војска тврди дека нејзините сили напредуваат долж фронтовската линија долга 1.200 километри. Напредувањето е забележано во источната област Доњецк, но линијата на фронтот во голема мера е непроменета со месеци.
Зеленски ја осудува улогата на Лукашенко во конфликтот, а во јуни се закани дека Украина ќе одговори доколку белорускиот лидер не ја отстрани опремата за следење, за која тврди дека ѝ помага на Русија да изведува напади.
Лукашенко, кој западните земји долго време го обвинуваат за кршење на човековите права, откако дојде на власт во 1994 година, го оцени како позитивен развојот на обновувањето на преговорите меѓу Русија и Украина, со учество на САД, претходно овој месец.
Тој ја поздрави и можноста европски преговарачи да учествуваат во следните рунди разговори, но оцени дека трите главни словенски држави – Русија, Украина и Белорусија – треба да најдат решение за проблемите во регионот.
-Би постигнале договор побрзо од вас (Европејците) за прекинот на оваа војна, идните договори и слично – изјави Лукашенко, изразувајќи уверување дека „луѓето би го прифатиле тоа“.































