Шест лица, меѓу кои и две деца, загинаа во авионска несреќа во близина на јужниот брег на САД, во сојузната држава Мисисипи.
Телата на загинатите биле извлечени од нуркачи на Американската крајбрежна стража, откако авионот „Цесна 210“ се урнал во Мексиканскиот Залив, меѓу градот Паскагула во Мисисипи и островот Хорн, кој се наоѓа на околу 12 километри од брегот.
Во леталото имало четворица возрасни и две момчиња на возраст од осум и десет години, изјави портпаролот на Крајбрежната стража, Хуан Рос.
Тој додаде дека спасувачките екипи со часови ги барале патниците и пилотот на урнатиот авион. Според Рос, во првичната потрага биле пронајдени само три спасувачки елеци, сплав за спасување и кабината на авионот, кои пловеле во водата.
Според податоците на платформата за следење летови во реално време „ФлајтАвеар“ (FlightAware), авионот летал од Њу Орлеанс, во сојузната држава Луизијана, кон Форт Мајерс во Флорида.































