Под слоганот „Своја на своето“, денеска започнува кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“, со која се бара правда за жените и девојчињата и се упатува повик за поголема вклученост на сите општествени чинители во справувањето со овој проблем во текот на целата година, а не само во рамките на овие 16 дена.
Глобалната кампања се темели на три столба: кренете го гласот, верувајте им на лицата кои преживеале насилство и барајте правда. На национално ниво, годинава посебен акцент е ставен и на економското насилство врз жените и девојчињата, со цел подигнување на свеста за скриените форми на насилство кои често се занемаруваат, но неретко претставуваат вовед во потешки и понасилни облици на злоупотреба.
Националната кампања е организирана заеднички од сите агенции на Обединетите нации во земјава, Делегацијата на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасади и бројни институционални и граѓански партнери, со што се потврдува широката и обединета посветеност на спречувањето и справувањето со насилството врз жените и девојчињата.
Организаторите посочуваат дека, со оглед на загриженоста поради зголемениот број пријавени случаи на родово базирано насилство и фемициди во Македонија, неопходно е секоја пријава да биде проследена со брза, координирана реакција насочена кон потребите на преживеаните. Се повикува на доследна примена на постојните закони, проширување на услугите за поддршка, ефективни мерки за заштита и поголема одговорност на сторителите. Истовремено, се нагласува важноста на превенцијата преку образованието, подигнувањето на јавната свест и надминувањето на штетните родови стереотипи.
Годинашната кампања ја истакнува заедничката одговорност за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата, која бара активен ангажман на институциите, заедниците, образовните работници, медиумите, семејствата и младите.
-Неодамнешните случаи на насилство врз жени во Македонија се болно потсетување дека како општество мора да направиме повеќе. Институциите мора да ги заштитат жртвите и да ги повикуваат сторителите на одговорност, но мораме и да ги промениме ставовите што го нормализираат насилството, ги обвинуваат жртвите или поттикнуваат молк. Насилството врз жените никогаш не е приватна работа. Европската Унија цврсто стои покрај секоја жена и девојче, не само во текот на овие 16 дена активизам, туку секој ден – порача амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас.
Вршителката на должноста шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса, посочува дека жените и девојчињата кои доживуваат насилство треба да знаат каде можат да побараат помош, како да го пријават насилството и што да очекуваат по пријавувањето.
-Кога ќе проговорат, треба да бидат сфатени сериозно и да имаат пристап до поддршката и заштитата што им се потребни. Институциите, граѓанското општество, заедниците и меѓународните партнери имаат своја улога. Работејќи заедно, можеме да ја зајакнеме превенцијата од насилство и да го подобриме пристапот до услуги и правда. Кампањата ’16 дена активизам‘ ќе заврши. Нашата одговорност за спречување на насилството врз жените и девојчињата нема – порача Пенкса.
Постојаната координаторка на Обединетите нации во Скопје, Рита Колумбија, истакнува дека насилството врз жените и девојчињата во земјава не е ниту приватна работа ниту неизбежност и дека може да биде спречено, но само со реакција соодветна на сериозноста и итноста на проблемот.
-Кампањата ’16 дена активизам‘ е време искрено да погледнеме што направивме како општество за да ги заштитиме жените и децата од насилство. Ги повикувам сите институции, заедници, семејства и поединци да дејствуваат, да слушаат и да обезбедат ниту една жена или девојче да не остане без заштита. Заедно можеме да ставиме крај на насилството – истакнува Колумбија.
Во текот на наредните 16 дена, низ земјава ќе се организираат јавни настани, дискусии и активности за подигнување на свеста и промовирање нулта толеранција кон сите форми на насилство.
Кампањата се одржува од 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, до 10 декември, Денот на човековите права, како дел од глобалното движење за обезбедување услови секоја жена и девојче да живее без насилство, дискриминација и страв.


































