Фото: Орце Ѓорѓиевски/Фејсбук

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека утре ќе се одржи нова акција за чистење на градот, која ќе опфати повеќе од 50 локации низ Скопје.

Како што информираше Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук, акцијата е дел од редовните активности што се организираат секоја втора недела, а во неа ќе учествуваат волонтери, претставници на јавните претпријатија, градоначалници на општините, ученици и граѓани.

Тој ги повика скопјани да се приклучат на акцијата, да изберат локација во својата општина и да ги повикаат соседите да учествуваат.

– Заедно со волонтерите, јавните претпријатија, градоначалниците, учениците и сите што го сакаат Скопје излегуваме на терен. Изберете локација во вашата општина и повикајте некој од соседите да дојде со вас. Да почнеме од паркот каде што си играат нашите деца, од улицата по која секое утро одиме на работа, од маалото што го викаме дома – напиша Ѓорѓиевски.

Тој порача дека грижата за чистотата на градот не треба да биде ограничена само на организираните акции, туку треба да стане секојдневна обврска на граѓаните.

– Утре заедно да го исчистиме, а секој ден да го чуваме – порача градоначалникот.