„Колибри“ на 59. Детски Рацинови средби во Велес
- Секако, највозбудливиот дел беше оставен за крај, кога на учесниците им беа врачени заслужените награди за нивните најдобри остварувања на традиционалните литературни и ликовни конкурси што ги опфаќаат учениците од македонските основни и средни училишта, но годинава манифестацијата имаше и меѓународен карактер, со учесници од соседните држави. Учениците твореа на темата „Моето и Рациновото подобро утре
Од 11 до 16 ноември градот Велес пулсираше во ритамот на поезијата, уметноста и креативноста од Рациновите наследници дојдени од сите краишта на Македонија за да ги слават зборот и делото на големиот македонски поет Koчо Рацин.
Најмалите од градинката „Димче Мирчев“ положија свежо цвеќе пред паметникот на Кочо Рацин и ја изведоа точката „Со љубов за Рацин“, а истиот ден беше промовирана книгата за деца „Земјата на заборавените сказни“ на Билјана Црвенковска. Следниот ден беше одржана грнчарско-ликовна работилница, на која децата сликаа глинени садови, кои беа изложени во просториите на библиотеката. Истиот ден учениците од Велес се сретнаа со роднокрајните автори, а средношколците пак учествуваа на книжевно-јазичната работилница „Јазикот на Рацин и јазикот на младите денес“. Тринаесетти ноември ѝ беше посветен на поетесата Македонка Јанчевска, која има голем влог во создавањето и развојот на Детските Рацинови средби. Во нејзин спомен основците „сплетоа“ венец од стихови, додека членовите на ликовните секции беа во посета на грнчарска работилница.
Манифестацијата продолжи на 16 ноември, кога организаторите од библиотеката „Гоце Делчев“ ширум ги отворија вратите за учесниците на манифестацијата и ги примија авторите на наградените литературни и ликовни творби. Беше организирана и посета на спомен-куќата на Кочо Рацин, до која се стигнува преку неизбежното „Сокаче на поезијата“.
Во Ликовниот салон, пак, се одржа средба со писатели за деца, на која учествуваа Наташа Брезовска Богоевска, Билјана Црвенковска, Винка Саздова, Филип Димкоски, Лили Арсова, Јадранка Клисарова, Снежана Петрова Џамбазова и Десанка Николова.Тие претставија делови од своето творештво и разговараа со наградените учесници на манифестацијата, како и со членовите на литературните секции од велешките училишта.
Меѓу другото, на средбата беше истакнато дека е потребна почеста комуникација во живо меѓу учениците и писателите што творат за нив. Професорката Матилда Бајкова, менторка на наградената ученичка Луна Ѓорѓиевска, истакна дека на учениците им е потребно да се сретнат во живо со писателите што ги знаат од читанките и од списанијата.
– Јас растев во време кога писателите Стојан Тарапуза, Славка Арсова, Славка Манева и многу други беа неизбежни гости на часовите. На тој начин ние, преку непосредната дружба, бевме мотивирани да го откриваме нивниот литературен свет. Иако на различен начин обработуваме дел од творештвото на сите овие автори со кои денес се дружиме, учениците за жал имаат многу малку можности да ги запознаат во живо – истакна Бајкова.
По дружбата и миговите за освежување на учениците и нивните ментори, следуваше свечена програма во салата „Бели мугри“. Настанот започна со изведба на македонската химна, а потоа беа изведени неколку македонски народни и забавни композиции од страна на хорот „Св. Кирил и Методиј“, под диригентската палка на професорката Веселинка Маџарова. Премиерно беше прикажан и документарниот филм „Бесмртниот“, во продукција на локалната библиотека „Гоце Делчев“, која годинава е домаќин на манифестацијата.
Моето и Рациновото подобро утре
Кога зората блеснува над земјата мила,
се сеќавам на Рацин и неговата сила.
Со збор на мајчин јазик, чист ко вода,
остави сон за љубов, за правда,
за слобода, за мугри што доаѓаат бели,
за денови посветли, за срца весели.
И јас сонувам,
сонувам ко него,
сонувам утро со радост обоено,
со книга в рака, со срце исполнето.
Сонувам свет без војни, омраза и лага,
на ниту еден лик да не видам тага.
Ќе учам, ќе читам, ќе пишувам со жар,
јазикот наш да биде најскапоцен дар.
Секој ден ќе сеам по едно добро семе,
за да порасне цвет во ова наше време.
Така Рацин ќе се насмевне од висината,
зашто неговиот збор ќе патува
во иднината.
Напишала: Леонора Михајлова, IX одд ООУ „Гоце Делчев“ – Конче, Конче
Менторка: Драгана Манче Прва награда во категоријата 8 и 9 одделение
Рациновиот завет
Ако денот се родеше
во прегратките на ридот
побрзо отколку што смртта
може да ги изгасне
дланките што треперат во новата мугра, зарем немаше да ти бев
достојна, Великану,
пред твоето олицетворение?
О, неправдо, скриена во сржта на секоја пора,
зошто ми ги кршиш соништата,
тогаш кога чекорам
по беспаќата на нашите ископани меѓи?
Фатена сум со тебе за рака, Рацине,
потта ни се лизга по белите
ни ленени кошули,
а ние огорчени од мирисот
на катранот
бараме упокоение за нашите
отворени рани.
Ако стихот твој побрзо од смртта проговореше
и ако паднеше маската на времето излепена со борова смола,
зарем немаше јас слободна да
застанам пред твојата вечност,
та со чекори отсечени од моите
знајни и незнајни гревови
да ја докажам сета човечка
достоинственост.
Изморена сум, Рацине,
од изгрејсонца без зори
и од надеж која двојствува пред
суровата праведност.
Не, не го предавам сонот,
оној кој ти го започна,
а јас останав да го досонувам.
Ќе го чувам како завет
натопен со твојата крв
и врежан таму каде што
часовникот не го брои времето.
Напишала: Вероника Гавровска, VIII одд. ООУ „Гоце Делчев“ Босилово
Менторка: Весна Тилева Гран при

































