Фото: Илинден Тирана

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана го поздрави воведувањето на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан, оценувајќи дека неговата примена ќе придонесе за побрзо и поефикасно движење на патниците меѓу Македонија и Албанија.

Од Друштвото очекуваат системот во најскоро време да биде воведен и на останатите гранични премини меѓу двете земји, со посебен акцент на премините Горица – Стење во Преспа и Требиште – Џепиште во областа Голо Брдо.

Според нив, проширувањето на системот би го олеснило преминувањето на границата, особено за жителите на пограничните региони, кои секојдневно имаат потреба од прекугранично движење.

– Очекуваме системот „One Stop Shop“ во најскоро време да биде воведен и на другите гранични премини меѓу Македонија и Албанија, особено на граничниот премин Горица – Стење – Преспа и на граничниот премин Требиште – Џепиште – Голо Брдо, со цел да се овозможи побрзо, поефикасно и полесно преминување на границата за сите граѓани, а особено за жителите од пограничните региони – наведуваат од Македонското друштво „Илинден“ – Тирана.

Оттаму оценуваат дека воведувањето на вакви решенија претставува важен чекор кон унапредување на прекуграничната соработка, олеснување на комуникацијата и зајакнување на традиционалните врски меѓу Македонија и Албанија.