Фото: Кабинет на претседателката

Претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, упати честитка до припадниците на албанската заедница во Македонија по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, нагласувајќи го значењето на јазикот како темел на националниот идентитет, културното наследство и колективната меморија.

Во честитката, претседателката истакнува дека овој датум има многу подлабоко значење од одбележувањето на историски настан, бидејќи претставува симбол на националната свест и посебниот идентитет на албанскиот народ.

– 22 Ноември е датум чие значење ја надминува симболиката на историски јубилеј. Тој е сведоштво за национална визија и свест за посебен идентитет, чиј темел е стандардизираната албанска азбука – наведува Силјановска-Давкова.

Таа посочува дека јазикот е еден од најзначајните белези на националната посебност и најсилен инструмент преку кој се зачувуваат и пренесуваат колективната меморија, духовното наследство и историското искуство на еден народ.

Осврнувајќи се на положбата на албанската заедница во земјава, претседателката нагласува дека Албанците и албанскиот јазик имаат долга традиција и значајно место во уставниот, политичкиот, економскиот, образовниот, научниот и културниот живот, како и во спортот и медиумите.

Силјановска-Давкова потенцира дека заедничка обврска е градењето општество во кое единството нема да значи негирање на различностите, туку нивно почитување и препознавање како трајни општествени вредности.

На крајот од честитката, таа изразува желба 22 Ноември да биде не само ден на сеќавање, прослава и гордост, туку и дополнителен поттик за нови образовни, научни и културни достигнувања на албански јазик.