Македонија се соочува со сериозни демографски предизвици, а во услови на опаѓање на наталитетот, обезбедувањето квалитетни услови за развој на секое дете станува поважно од кога било. Ова го порача претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Лесли Милер, на настанот по повод Светскиот ден на детето – 20 Ноември, кој годинава се одбележува и во знакот на 80-годишнината од основањето на организацијата.
Милер истакна дека државата не може веднаш да ги промени демографските трендови, но одлуките што се носат денес ќе имаат значително влијание врз нејзиниот иден развој и просперитет.
Таа предупреди дека голем број деца и натаму немаат еднаков пристап до можностите за рано образование и развој. Помалку од половина од децата до шестгодишна возраст во земјава се опфатени со предучилишно образование, а особено погодени се децата од социјално ранливите семејства и заедници.
За да се реализира националната цел од 65 проценти опфат на децата со предучилишно образование до 2032 година, потребно е да се обезбедат дополнителни 19.000 места во градинките. Од УНИЦЕФ посочуваат дека за тоа се неопходни континуирани јавни инвестиции, нови модели на финансирање и посилна соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Притоа, како што нагласи Милер, проширувањето на капацитетите мора да биде проследено со квалитетни услуги, финансиска достапност и инклузивност.
Инвестициите во раниот детски развој, според неа, носат придобивки не само за децата, туку и за семејствата, жените, економијата и целокупниот човечки капитал на државата.
Повод за одбележувањето беше настанот „Ѕвониме за децата“, организиран од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и Македонската берза. Иницијативата на Обединетите нации има цел да ја истакне улогата на бизнис-секторот и инвестициските политики во заштитата и унапредувањето на правата на децата.
Македонија годинава за првпат се приклучи кон иницијативата, во која учествуваат 25 земји, а која ја предводат УНИЦЕФ и Иницијативата на ОН за одржливи берзи.
Главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев, посочи дека пазарите на капитал имаат важна улога во поврзувањето на компаниите и инвеститорите и можат да придонесат правата на децата да станат поважен дел од корпоративните и инвестициските политики.
На настанот се обратија и министрите за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и за образование и наука, Весна Јаневска.
Велковски истакна дека еден од приоритетите на Министерството е зголемување на достапноста и квалитетот на предучилишното згрижување и воспитание. Тој посочи дека во соработка со општините и партнерите продолжува проширувањето на мрежата на градинки, со цел поголем број деца да бидат опфатени со предучилишно образование.
Како дел од напорите за унапредување на раниот детски развој ја посочи и новата Програма за рано учење и развој, подготвена во соработка со УНИЦЕФ и Бирото за развој на образованието.
Министерката Јаневска, пак, нагласи дека секое дете заслужува пристап до образование и училишна средина во која ќе може да напредува. Таа посочи дека остануваат предизвиците за поголема инклузија, зголемување на бројот на запишани ученици и намалување на осипувањето од образовниот систем.
Јаневска потенцираше дека грижата за децата не е одговорност само на институциите, туку бара вклученост на семејствата, заедницата и деловниот сектор.
За улогата на компаниите во поддршката на семејствата и создавањето подобри услови за вработените говореше и Петар Петровиќ, директор за човечки ресурси во „Алкалоид“. Тој посочи дека одговорните деловни практики и политиките насочени кон семејствата придонесуваат и за поголема мотивираност и задржување на вработените.
































