Магдалена Јованова, ќерка на првообвинетиот Дејан Јованов, на денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ сведочеше дека во објектот имало противпожарни апарати, ознаки за излез и панични светла. Таа рече дека на претходни настани се употребувале пиротехнички средства со кои раководело лице чиј идентитет не го знае, пренесува МИА.
Јованова истакна дека за работењето на клубот бил одговорен татко ѝ, а таа била само посетителка и никогаш не се мешала во неговата работа. Додаде дека не била присутна вечерта кога избувнал пожарот.
Одговарајќи на прашањата на адвокатката Ивана Коцевска од одбраната на првообвинетиот, Јованова детално го опиша внатрешниот изглед на објектот. Меѓу обвинетите се нејзиниот татко Дејан Јованов, брат ѝ Михајло Јованов и чичко ѝ Тодор Јованов.
Наведе дека почнала да оди во дискотеката во 2018 година. Според неа, во 2024 година биле отстранети терасите, односно галериите, и било додадено осветление.
Според нејзиното сведочење, противпожарни апарати имало кај главната врата, кај бината и кај шанковите. Во објектот имало и панични светла, кои, како што рече, се вклучиле при еден прекин на снабдувањето со електрична енергија.
– Панични светла имаше и на задната врата, на вратата за излез, како и на вратата кај билетарницата – рече Јованова.
Таа посочи дека претходно присуствувала на настани во објектот, како родендени и отворања, на кои биле употребувани пиротехнички средства.
– Забележав човек што раководеше со нив. Секогаш од десната страна на бината имаше поставено нешто како кутија, а надвор, пред вратата, сум видела комбе со натпис „Пиротехника“ – рече Јованова.
Додаде дека не го знае името на лицето, туку само дека станува збор за средно висок, полничок и малку ќелав човек.
На прашањето на одбраната дали при нејзините посети затекнувала полициски службеници, Јованова одговори потврдно.
– Да, често доаѓаше полиција. Бараа лични карти, стоеја на вратите и не дозволуваа никој да влегува или да излегува – сведочеше Јованова.
При вкрстеното испрашување од Јавното обвинителство, Јованова истакна дека сите гости, а не само таа, ја користеле задната врата за да излезат да пушат цигари и дека таму никогаш не видела обезбедување. Одговарајќи на прашањата за тоа колку години имала кога ја посетувала дискотеката и дали била вклучена во работењето на клубот, таа негираше дека имала каков било работен ангажман.
– Не сум била во диско пред да наполнам 18 години, по полноќ. Немам такви фотографии. Но, пред полноќ сум била. Никогаш не сум се мешала во работата на татко ми – нагласи Јованова.
Судот не ги дозволи прашањата на Обвинителството за тоа кој ги водел профилите на „Пулс“ на социјалните мрежи, дали Јованова учествувала во преземањето на последната лиценца од Министерството за економија во 2024 година и дали го познава лицето по име Вили од тоа министерство. Јованова повтори дека немала никаков ангажман во дискотеката.
Пред судот сведочеше и столарот Сашко Зафиров, кој изведувал работи во внатрешноста на објектот во 2012 и во 2024 година. Тој изјави дека Дејан Јованов го ангажирал усно, без писмен договор или документ за изведените работи.
Зафиров појасни дека неговата задача била со дрво, иверица и фурнир да ги обложи постојните метални конструкции што ги изработиле браварите. Во 2024 година ги доработувал и обликувал клупите во сепарињата со водоотпорни панели. Според него, на покривот не биле направени никакви промени.
Тој наведе дека за време на работите во 2012 година имало и други работници, меѓу кои молери и мајстори ангажирани за санитариите. Упатствата, плановите и скиците на браварите им ги давало друго младо лице, а не Дејан Јованов.
– Кога јас влегов, 90 проценти од работите веќе беа завршени. Зборувам за 2012 година, конструкцијата беше целосно направена. Јас бев еден од последните мајстори за да ги поставам панелите и да ги зашрафам – сведочеше Зафиров.
Тој потврди дека Јованов бил присутен додека ги изведувал работите.
За наредното рочиште одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов предложи седум сведоци. Меѓу нив се Анастасија Соколова, вработена во „Пулс“, Костадин Поп Христов, пиротехничар ангажиран од Дејан Јованов, и Горан Игновски, соработник на ДНК. Предложени се и Бојан Спасовски, угостител од Гевгелија, Димитар Граменов, вработен во пожарна, Дејан Стојанов, кој треба да сведочи за околностите поврзани со внатрешното уредување на објектот, и Марјан Зафиров, еден од првите вработени во „Пулс“.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Судскиот процес почна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по пожарот што избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК. Во пожарот загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.


































