Фото: Ка.М

Итната медицинска помош при прилепската болница денеска доби три нови возила опремени со современа апаратура. Директорот на болницата Кире Јоноски рече дека со новите возила ќе се подобрат услугите за пациентите.

– Покриваме поголема територија и овие возила се добредојдени. Досега располагавме со шест постари возила што ги доопремивме и со две помали возила. Со нив успевавме да даваме итна медицинска помош – вели Јоноски.

Според раководителот на Итната медицинска помош, д-р Боше Милошески, новите возила значително ќе ѝ ја олеснат работата на службата.

– Ќе ги подобриме услугите. Новите возила имаат современа апаратура. Некогаш минути и секунди се во прашање кога се спасува живот – вели д-р Милошески.

Сепак, Итната медицинска помош сè уште се соочува со недостиг од кадар.

– Потребни ни се лекари, медицински сестри и возачи. Конкретно, ни недостигаат четворица лекари, осум медицински сестри и шестмина возачи за службата да биде целосно екипирана. Има најави за вработување нов медицински кадар – додава Милошески.

Градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски ја истакна логистичката поддршка што Општината ја дава за опремување на болницата, со цел да се подобри здравствената грижа за граѓаните. Ка. М.