Фото: МИА

„Еднаш Македонец – засекогаш Македонец“, велеше познатиот германски македонист Волт Ошлис, кој речиси целиот свој живот му го посвети на изучувањето на македонскиот јазик и на македонската култура. Оваа мисла често се провлекувала во неговите јавни настапи и ја отсликувала неговата долгогодишна поврзаност со Македонија, како и посветеноста на афирмацијата на македонскиот јазик, култура и државност во Германија и пошироко во светот. Ова го посочи денеска Милчо Јовановски во својот реферат за Ошлис, претставен во рамките на третите „Мисиркови денови“, посветени на 100-годишнината од смртта на Крсте Мисирков.

Јовановски наведе дека во своето дело „Аспекти на германско-македонската заемност низ вековите“ од 2007 година, Ошлис се повикува на германскиот географ Антон Фридрих Бишинг, кој уште во XVIII век, во своето дело „Опис на земјата“, констатирал дека Македонците имале свој јазик, различен од јазиците на околните народи.

– Во книгата „Македонија – слика на пејзажот и културата“ од 1927 година, германскиот автор ја застапува тезата дека Македонците уште од најраните времиња претставувале посебен народ, кој се одликувал со сопствен идентитет и културна традиција – рече Јовановски.

За Ошлис, кого лично го познавал, Јовановски рече дека бил еден од столбовите на македонистиката во последните шест децении и еден од најчестите учесници на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

– Тој е особено познат по своите ставови за историјата на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и култура, како и за делото на Крсте Мисирков и Блаже Конески. Неговите ставови се поткрепени со бројни изјави и интервјуа објавени во медиумите, како и со лични сознанија и сведоштва од средбите со него. Историските корени на македонистиката како научна дисциплина, според него, треба да се бараат уште во XIX век, во книжевните, филолошките и научните истражувања поврзани со Македонија, македонскиот народ, црквата и духовното наследство – посочи Јовановски.

Јовановски откри дека Ошлис, кој починал неодамна, имал толку голем интерес за Македонија што во својот дом чувал германски историски карти на кои била претставена земјата.

– Уште пред дванаесет или тринаесет години започнал да размислува за создавање посебна книга посветена на овие карти. Работата на книгата започнала во соработка со други истражувачи, но, како што самиот истакнувал, таа не била целосно завршена. Дел од картите сè уште се наоѓале во неговата куќа. Една од тие карти се наоѓа и на корицата на германското издание на Мисирковата книга „За македонцките работи“. Станува збор за стара карта на Македонија, изработена околу 1750 година, од германско-британско потекло, чиј автор, според транскрипцијата, е Антон Ишик – посочи Јовановски, пренесува МИА.