Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при Министерството за внатрешни работи, во соработка со грчката национална разузнавачка агенција и други меѓународни партнерски служби, разоткриле прокси мрежа во Македонија, чии членови преземале логистички подготовки за извршување терористички акт, односно атентат врз лице на територијата на Грција.
Според информациите од АНБ и БЈБ, оперативните активности за откривање на мрежата започнале на почетокот на 2026 година, во координација со странските партнерски служби.
Со спроведување оперативно-технички и аналитички активности биле идентификувани лица поврзани со иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маване (Edris Jahangiri Mavaneh), за кого се наведува дека одржувал врски со други прокси-актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, меѓу кои и со нарко-босот Наџи Шарифи Зиндашти (Naji Sharifi Zindashti).
Станува збор за лица кои, според надлежните институции, се дел од криминални структури во Македонија и кои, по директни насоки од иранскиот државјанин, преземале подготвителни логистички активности за планираниот напад врз лице во Грција.
Размената на разузнавачки информации со меѓународните партнери овозможила да се утврди и начинот на функционирање на мрежата. Меѓу другото, биле откриени и конспиративни средби одржувани на територијата на трети земји, вклучително и во Иран, како и поврзаноста на членовите со лицето кое, според институциите, било главен организатор на планираната акција.
Од АНБ и БЈБ оценуваат дека откриената мрежа е дел од поширок модел на дејствување на иранските разузнавачки служби, кои, според нивните сознанија, ги користат криминалните структури во трети земји како посредници за прикривање на своите активности.
Како дополнителен безбедносен контекст, институциите посочуваат дека во изминатиот период повеќе држави биле изложени на терористички закани и напади поврзани со ирански прокси-актери.
Од АНБ и БЈБ најавуваат дека ќе продолжат со активностите за откривање и спречување евентуални терористички закани поврзани со вакви мрежи, како и со идентификување на сите други лица кои би можеле да бидат инволвирани.
































