- По повод Месецот на книгата, во просториите на библиотеката при Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе, се одржа програма насловена „Книгата – отворен прозорец кон светот“. На настанот беа доделени наградите за најдобрите прозни творби, по претходно распишаниот конкурс. Првонаграден е расказот „Книгата во мене“ на седмоодделенката Мила Апостолова, кој денеска го објавуваме за да го прочитате и вие. Честитки Мила, продолжи да твориш и натаму
Секоја душа полна со тајни има една книга невидлива за очи, ама полна со бои, емоции, спомени. Нема корици, нема книгозастанувачи има само спомени што тлеат длабоко, нема страници од хартија ниту од папирус, туку има само спомени и моменти испишани со невидливо пенкало. Кога ја отвораш мојата книга, на првата страница започнува приказната на моето детство обоено со боите на виножитото, украсено со насмевки и весели детски звуци, кои срце греат и во најстудените денови.
Потоа се редат страниците на кои се испишани моите соништа, некои големи како планини, некои светли како најсветлите ѕвезди што небото го красат. Во нив се гледам себеси со малечки чекори како талкам, одам и полека грабам кон иднината. Не се сите страници убави и светли. Некогаш има и понекоја со темна дамка направена од моите грешки и разочарувања. Но тие се токму моите трагачи по сонцето скриено зад облаците.
Најубавите редови се напишани со перото на љубовта, добрината, вербата и надежта. Тие ме потсетуваат дека мала насмевка некому му подарува голем ден, а еден искрен збор е светлина меѓу темните облаци на намуртеното небо. Мојата книга сѐ уште е со многу празни страници, кои ме повикуваат да ги исполнам со нови предизвици, пријателства и со нови доживувања. Јас си ја пишувам сопствената приказна, а секој нов ден е едно ново нејзино поглавје.
Кога ќе пораснам и пак ќе ја отворам мојата книга, сакам нејзините страници да мирисаат на љубов, да светат со сјај на среќата, да шепотат за храбрите нешта. Најубавата книга не е онаа во која е совршено секое поглавје, туку онаа во која секое поглавје и страница раскажуваат за душата што искрено живее.
Напишала: Mила Апостолова, седмо одделение ООУ „Даме Груев“ – с. Ерџелија,
Свети Николе менторка: Катерина Алексова Наумова
































