Деца на цвеќињата

Не знам што се случи со ова наше општество во последно време, дали пандемијата остави некакви скриени последици, дали забрзаниот начин на живот, дали трката по материјалното, дали безнадежноста, едноставно сè се претвори во нервоза, агресија што се манифестира буквално на секој чекор.
Хуманите гестови, толеранцијата, емпатијата едноставно стануваат сè поретки, а вербалните и физичките пресметки станаа секојдневие, од дома во семејствата, преку училиштата, спортските натпревари, сообраќајот, веќе страв ми е да споменам уште некоја друга област, да не се прошират и таму.
Во последно време (не дека и претходно го немало) до израз посебно дојде семејството насилство, односно пресметките меѓу брачни другари, партнери во врска, дечковци и девојки… Крај нема. Секој ден во полицискиот билтен сведочиме на некој ваков настан, а некои од нив завршија трагично, кога млади животи наместо да го живеат животот со полни гради, непотребно згаснаа како резултат на таа агресија.
И самиот во последно време си го поставувам тоа прашање зошто се случува сето ова. Кои се причините? Го имало ли и порано толку многу или сега имаме само повеќе информации? Мојата логика во врска со насилството е крајно едноставна, ако не сакам да бидам со некого, едноставно нема да бидам, нема зошто некого со сила да држам покрај себе, уште помалку да применувам физичка сила врз некој друг. Но не размислуваат сите така.
И ден-денес паметам настан кога како средношколец, чекајќи автобус, присуствував на сцена во која дечко отворено ја малтретираше својата девојка. Ја влечеше за коса, а потоа ѝ врза и шлаканица. Мал бев да му се спротивставам на насилникот, но се најдоа постари луѓе што спречија посериозни повреди на девојката. Тоа беше одамна, но и ден-денес го паметам.
А баш пред некој ден ми се повтори сличен настан. Враќајќи се од продавница, само што се беше стемнило, гледам покрај едни паркирани автомобили две девојчиња се тегнат и се влечат за коса, разменувајќи меѓусебно навредливи зборови. Без никакво размислување тргнав накај нив да ги раздвојам, но кога се приближив, видов дека всушност не се девојчиња, туку две возрасни жени што очигледно имаа нешто нерасчистено. Видоа дека одам кон нив и во истиот момент обете ми упатија таков остар поглед во стилот „бркај си патот и не се мешај во нашите работи“, така што и самиот застанав, не знаејќи како да постапам. Бидејќи само се туркаа и си дофрлаа навреди, си помислив да се вмешам само ако ситуацијата ескалира. За среќа, во истиот момент од блискиот влез излегоа луѓе, кои веројатно им беа некакви роднини или пријатели, па ги раздвоија говорејќи им: „Аман, народ гледа“.
Следниот ден брифинг во МВР, тема – семејно насилство, споредби за деветте месеци од 2026 и 2025 година, со констатација дека е зголемен бројот на пријави за семејно насилство бидејќи жртвите се охрабриле и повеќе пријавуваат оти законот сега предвидува посериозни казни за насилниците. И тоа е добро, плус има најави и дека ќе им се ставаат алки на напаѓачите, а како ќе функционира сето тоа, ќе видиме. Има странски искуства со алките и не е лошо тоа да се преслика, ама засега кај нас е во фаза на подготовка. Згора на тоа, ќе може и насилникот да се отстранува од домот, па дури и да е негов, за да не биде оставена жртвата буквално на улица. Токму поради тој страв, тие жени често со години трпат терор и малтретирање.

И тука не говорам само за напади на мажи врз жени туку и за обратни случаи, кои се во помал број, но помалиот број пријави најмногу се поради машко его, односно да не се расчуе дека некого го натепала жена.
Полицијата вели дека не може сама против ова општествено зло и дека кога таа ќе реагира, тогаш веќе е доцна. Тоа е точно, па затоа она што сега ни е потребно, тоа будење на целото општество, постојано држење на оваа тема високо на агендата, за да бидат свесни насилниците дека нивното насилство врз нечие дете, ќерка, мајка, баба, брат, татко, дедо нема да мине неказнето. Секако, казните мора да бидат сериозни, а не само колку да се задоволи формата. Кој ќе крене рака врз послаб од себе, мора да знае дека ќе има последици.
А ако веќе толку сака да ја покажува својата физичка сила, еве, државата има автопатишта за градење, има недостиг од работна сила, има карпи за кршење, траси за копање и многу лопати, копачи и токмаци на располагање. Насилникот нека ја троши енергијата на нешто полезно, наместо да ја истура врз сопственото семејство или врз некој што не може да се одбрани. Зашто во насилството нема ништо храбро. Напротив, тоа е можеби најкукавичкиот начин на кој човек може да ја покаже сопствената немоќ.
Затоа семејството мора повторно да ја преземе својата најважна улога, да биде местото каде што се учат љубовта, почитта, разбирањето и одговорноста. Тоа воспитување мора да продолжи и во градинките и училиштата, каде што децата ќе растат во средина во која се чувствуваат сигурно, прифатено и почитувано. Родителите, наставниците и институциите мора да бидат на иста страна, зашто културата на ненасилство не се гради со една лекција, една кампања или еден полициски билтен.

Очигледно е дека некаде по патот ги изгубивме или заборавивме некои од вистинските вредности. Можеби премногу брзавме да им обезбедиме на децата подобар материјален живот, а заборавивме дека најважното што можеме да им го оставиме е човечноста. Да знаат да сакаат, да почитуваат, да прифатат пораз, да поднесат разочарување и, пред сè, да разберат дека никој нема право да управува со туѓиот живот.
Затоа, овие нови генерации што доаѓаат пред нас мора да бидат поинакви. Не ни требаат деца што ќе бидат подготвени на секоја кавга да одговорат со удар, на секоја навреда со уште поголема навреда и на секое разочарување со одмазда. Ни требаат деца на цвеќињата. Не како некаква наивна романтичарска претстава дека светот може да биде без проблеми и конфликти, туку како генерации што ќе разберат дека мирот, љубовта и почитта не се слабост, туку најголема сила.
Деца што ќе шират мир наместо омраза, разбирање наместо гнев и љубов наместо насилство. Зашто семејството треба да биде засолниште, а не место од кое се бега. Домот треба да биде најбезбедното место на светот, а не место каде што човек најмногу се плаши. И ако не успееме да им го обезбедиме тоа на нашите деца, тогаш навистина сме потфрлиле како општество.