Фото: МИА

Платите на вработените во Армијата и во одбраната ќе се зголемат за 10 проценти од 1 јануари 2027 година, најави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Според него, станува збор за историски најголемо зголемување на платите во апсолутна вредност, кое ќе ја опфати основната плата, но и сите нејзини компоненти.

– Многупати ветив дека заедно со синдикатите ќе работиме Армијата да биде најдобрата институција во државата. Со овој чекор, според примањата, навистина стануваме една од најдобрите институции – изјави Мисајловски.

Тој посочи дека со новиот буџет се предвидени средствата за потребите на одбраната во следната година, како и дополнително зголемување на вкупниот буџет.

Буџетот за одбраната во 2027 година ќе биде за две милијарди денари повисок, информира министерот, додавајќи дека буџетот веќе бил усвоен на владина седница.

Зголемувањето на платите го поздравија и претставниците на репрезентативните синдикати во одбраната и на професионалните војници, Синиша Станчевски и Аднан Алити. Тие изразија задоволство од постигнатото, истакнувајќи ја важноста на социјалниот дијалог.