Правните мислења и толкувања од универзитетски професори што ги презентирала одбраната во постапката против судијата Ѓоко Ристов немаат доказна вредност и не можат да влијаат врз одлуката на судот. Ова го оцени јавната обвинителка Искра Хаџи Василева по денешното рочиште, посочувајќи дека судот треба да ги цени фактите и доказите изведени во постапката.
Според неа, правните мислења не можат да се третираат како докази само поради академскиот авторитет на нивните автори.
– Судот го обврзуваат фактите и доказите изведени на рочиште. Правните мислења дадени како нечиј авторитет навистина не го обврзуваат судот и несериозно е да се користат како докази, бидејќи во суштина не се докази и не може да бидат докази – изјави Хаџи Василева, која минатата недела беше избрана за шефица на ОЈО ГОКК.
Од друга страна, адвокатот на одбраната, Ѕвонко Давидовиќ, информираше дека одбраната се откажала од дел од предложените сведоци, бидејќи не успеала да стапи во контакт со нив, а нивното сведочење, според проценката на одбраната, не би донело нови сознанија во постапката.
Тој посочи и дека финансиското вештачење што го побарала одбраната сè уште не е завршено, но е во завршна фаза. Со него се опфатени банкарските сметки на шест лица.
Во однос на правното мислење на професорот Гордан Калајџиев, Давидовиќ рече дека тоа било побарано од одбраната и се однесува на правната квалификација на делото. Одбраната останува на ставот дека судија не може да биде опфатен со законското битие на кривичното дело злоупотреба на службената положба за кое се товари Ристов.
Против судијата Ѓоко Ристов се води постапка поврзана со 350.000 евра пронајдени при претрес во домот на неговите родители во Неготино. Според претходните информации од Обвинителството, средствата не биле пријавени, а нивното потекло не било поткрепено со докази.
Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.
































