Народната банка воведе привремена тримесечна администрација во „Алта банка“ АД Битола поради околности што можат сериозно да ја загрозат нејзината солвентност, односно способноста да ги исполнува финансиските обврски, пренесе МИА.
Со решението донесено на 1 ноември, за администратори се именувани Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска. Тие ги преземаат надлежностите на Управниот и Надзорниот одбор, како и на Собранието на акционери, со исклучок на одлучувањето за зголемување на капиталот. Андовски е посебно овластен да ги потпишува одлуките во периодот на администрацијата.
Администраторите имаат рок од 21 ден да ја утврдат целокупната состојба во банката и да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка. Во текот на тримесечниот период, тие ќе ја контролираат и исплатата на општите и административните трошоци, кои ќе може да се реализираат само со нивно одобрение.
Целта на привремената администрација е банката да продолжи со работењето, а средствата и интересите на штедачите и другите доверители да бидат заштитени до разрешување на сопственичката состојба.
Во периодот на администрацијата се воведени и ограничувања на одливот на средства. За физичките лица е определен неделен лимит од 10.000 денари за готовински подигања и плаќања со картички издадени од банката кај трговци. Внатрешните плаќања од сметките на физичките лица кон други сметки во банката остануваат неограничени.
Правните лица ќе можат неограничено да вршат внатрешни плаќања кон други физички и правни лица со сметки во банката. Сепак, нема да можат да префрлаат средства надвор од банката преку домашните платни системи, ниту да подигаат готовина од банкоматите и шалтерите на банката.
Приливните плаќања од странство преку СЕПА и кореспондентното банкарство ќе се одвиваат непречено, додека одливните плаќања кон странство привремено нема да бидат достапни ниту за физичките, ниту за правните лица.
Од Народната банка посочуваат дека штедните влогови на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување депозити до износ од 30.000 евра, согласно законските правила. Кредитокорисниците треба и натаму навремено да ги исполнуваат обврските кон банката.
Привремената администрација ќе трае три месеци, а Народната банка најавува дека континуирано ќе ја следи состојбата и ќе ги преиспитува ограничувањата во зависност од развојот на настаните.
Гувернерот Трајко Славески претходно изјави дека е формиран тим од седум вработени за следење на работењето на „Алта банка“ Битола. Тој посочи дека сопственикот од Белград бил известен да ги стави акциите на продажба, во спротивно Народната банка ќе ги понуди на аукција. Според Славески, постојат заинтересирани купувачи.
Од Народната банка ги повикуваат граѓаните и клиентите да се информираат преку официјалните извори и да не носат одлуки врз основа на непроверени информации. Оттаму посочуваат дека непотребното и масовно повлекување средства не е во интерес на штедачите.

































