Меморијална музичка вечер посветена на џез и соул интерпретаторката со македонско потекло Бети Ѓорѓевиќ ќе се одржи вечерва, 30 октомври, во 19.30 часот, во македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Србија.

Настанот е насловен „Крај на мојата тага“ („Крај моје туге“), според нејзиниот прв голем хит од 1974 година, а го организира КИЦ Белград во соработка со „Танграм центар“, со поддршка од Министерството за култура и туризам.

Преку одбрани видеоматеријали и музички изведби, вечерта ќе потсети на нејзиниот богат музички живот. Ќе настапат вокалните солистки Нада Павловиќ и Снежана Бериќ – Екстра Нена, во пијано-придружба на Небојша Костиќ. Водител и сценарист на настанот е актерот Пеѓа Милојевиќ.

Иницијатори на меморијалната вечер се КИЦ Белград и неговиот директор Васко Шутаров.

Бети Ѓорѓевиќ, која почина на 19 јануари годинава, била редовна гостинка на позначајните културни настани во организација на македонскиот КИЦ. Како што посочуваат организаторите, таа ја поддржувала идејата за музички портрет посветен на нејзиниот живот и со радост го очекувала неговото остварување.

Вечерта ќе се одржи во просториите на КИЦ Белград, на улицата Македонска 30. Според организаторите, за настанот има голем интерес меѓу нејзините почитувачи, соработници и пријатели, а присуство најавиле и српски медиуми.