Вечерва, со почеток во 19 часот, во Музеј-галеријата во Кавадарци ќе биде отворена самостојна изложба на ликовниот уметник Емил Шулајковски од Скопје, чие творештво е добро познато на кавадаречката публика.
Изложбата и овојпат ќе понуди средба со неговиот личен и препознатлив апстрактен ликовен свет, во кој бојата станува емоција, потегот енергија, а сликата простор за слободна визуелна комуникација со публиката.
Во делата на Шулајковски доминира апстрактниот пристап. Уметникот не се обидува да ја прикаже стварноста во нејзината препознатлива форма, туку ги истражува нејзините внатрешни импулси, емоционални состојби и визуелни асоцијации.
Слободните сликарски потези, прелевањето на боите и нивните меѓусебни судири создаваат композиции исполнети со движење, напнатост и енергија. Посебна карактеристика на неговото сликарство е слободата во градењето на композицијата. Формите не се ограничени со строги граници, туку се надоврзуваат, преклопуваат и преобразуваат, оставајќи простор за индивидуално доживување и толкување.
На тој начин, секое дело воспоставува непосредна комуникација со набљудувачот, поттикнувајќи го на активно набљудување и лично доживување на сликарскиот израз, вели Зорица Ташовска Илова, кустос – историчар на уметноста во Музеј-галеријата во Кавадарци.
М.М.

































