Огледало за ефикасноста на Унијата: Седум години Брисел не може да одлучи дали времето треба да се менува?!
- Едно обично поместување стрелка на часовникот ја отслика европската стратегиска парализа. Брисел што се амбицира да го уредува светот, а не може да се договори ни како да го мери времето?! Вчера, на 25 октомври 2026 година, милиони Европејци повторно ги поместија стрелките на часовниците за еден час наназад. Тоа е уште еден симболичен доказ за политичкиот парадокс на ЕУ, која со своите институции, самити, работни групи и бескрајни консултации веќе седум години не успева да ја спроведе сопствената политичка волја за укинување на сезонското менување на времето!? Во 2019 година Европскиот парламент ја поддржа промената. Денес, во 2026 година, часовниците сè уште се поместуваат, а Брисел повторно најавува анализи. Ако ова не е метафора за институционалната тромост и неефикасност, тогаш што е?!
Иронијата е речиси совршена. „Најмоќниот“ европски политичко-економски сојуз не може да донесе конечна одлука за прашање што директно го засега секојдневието на неговите граѓани. Не станува збор за војна, за промена на границите, за милијарди евра помош или за проширување, буџет или некој сложен геополитички договор. Станува збор за еден час – за времето, кое одамна престана да биде само астрономска категорија и стана прашање на здравје, работа, транспорт, енергетика и квалитет на живот.
Часовникот што ја отсликува Европа
Европската комисија во 2018 година предложи да се прекине практиката на двапати годишно менување на времето. Европскиот парламент во 2019 година ја поддржа идејата. Но предлогот остана блокиран во Советот на ЕУ, каде што земјите членки не успеаја да постигнат заедничка позиција. Во јануари 2026 година Комисијата соопшти дека започнува нова студија, чии резултати се очекуваат до крајот на годината. Значи, по години политички расправи, Европа повторно се враќа на почетокот, и тоа да испитува, да анализира и да чека, до ниво на тешка институционална тромост и неефикасност.
Владеење на сложени процедури, бегање од одговорност
Проблемот не е во тоа што секоја одлука мора да биде брза. Одговорната политика бара анализа, консултации и процена на последиците. Проблемот започнува кога процедурите за донесување одлуки стануваат алиби за избегнување на одлучувањето. Токму тука е очигледната системска слабост на Брисел. Европската комисија предлага, Парламентот гласа, Советот се двоуми, националните влади ги мерат домашните политички интереси, а одговорноста се разлева низ институционалните ходници. Секој учествува во процесот, но никој не чувствува одговорност дека треба да го заврши. Кога сите имаат право да ја забават одлуката, а никој нема доволно политичка сила да ја придвижи, добиваме систем што може бескрајно да управува со постапката, но сè потешко управува со реалноста. Прашањето за часовникот не докажува дека Европската Унија е целосно нефункционална. Тоа докажува нешто можеби уште позагрижувачко, имено дека и релативно ограничени секојдневни политики можат да станат заложници на институционалната фрагментација и на недостигот од политичка волја.
Кога граѓанинот е последен на ред
Во европската политичка реторика граѓанинот е „секогаш во центарот“. Во европската институционална практика, меѓутоа, тој често се наоѓа на крајот од редицата, и тоа зад бирократските процедури, коалициските калкулации и дипломатските формулации. Колку уште студии се потребни за да се утврди дека менувањето на часовникот двапати годишно е прашање што бара заедничка европска одлука? Се разбира, не е доволно едноставно да се укине практиката без координација. Различниот избор на трајно летно или стандардно време може да создаде нови проблеми за транспортот, трговијата и прекуграничното функционирање. Токму затоа е потребна Европа што ќе координира и ќе одлучува, а не Европа што ќе се крие зад сложеноста на задачата. Граѓаните не бараат институциите да бидат непогрешливи. Бараат да бидат способни и ефикасни! Не бараат секоја одлука да им се допаѓа. Бараат да знаат кој одлучува, врз основа на што и кога ќе има резултат. Европа што не може навреме да ја заврши ни оваа работа тешко може да очекува нејзините граѓани безусловно да ѝ веруваат кога зборува за големи стратегии и историски визии.
ЕУ: Диносаурус во свет што забрзува
Светот не чека Брисел да ги усогласи своите ставови. САД, Кина и другите големи центри на моќ ги приспособуваат економските, технолошките, индустриските и безбедносните политики со темпо што бара стратешка доследност и способност за брза реакција. Европа, напротив, ризикува да стане политички диносаурус. Огромна по институционална тежина, богата со ресурси и знаење, но премногу бавна во однос на промените околу неа. Диносаурусот не е опасен затоа што е голем. Опасен е моментот кога неговата големина ќе стане пречка за приспособување. А токму тоа е ризикот за ЕУ, да ги помеша институционалната сложеност со мудроста, консензусот со резултатот, а бескрајното усогласување со вистинското лидерство. Во свет на динамични промени, енергетски неизвесности, трговски судири и технолошка конкуренција, заедничка Европа е попотребна од кога било. Но токму затоа не смее да си дозволи да биде заложник на сопствената конструкција. Европа не мора да биде помалку демократска за да биде поефикасна. Мора да биде подобро организирана, поодговорна и поспособна да го претвори политичкиот договор во конкретна одлука. А веројатно би го можела тоа, кога би се реструктурирала.
Аналогија: Часовникот и предизвикот на европското проширување
Ако часовникот е симбол на институционалната бавност, проширувањето е тест на европската политичка веродостојност. Македонија е кандидат за членство од 2005 година. По години чекање, во 2022 година формално започна пристапниот процес, но отворањето на првиот преговарачки кластер останува условено со уставните измени предвидени во договорената рамка. Европскиот парламент и во јуни 2026 година повторно го потврди европскиот пат на земјата, истовремено повикувајќи на исполнување на условите за напредок. Тоа политичко прашање добива на тежина со новото прашање, имено може ли Унијата да бара од кандидатите предвидливост, владеење на правото и почитување на преземените обврски ако самата не успева да обезбеди доволно предвидлив и убедлив процес. Кога условите се менуваат под влијание на билатерални спорови, домашни изборни калкулации или нови политички толкувања се разнишува основното начело врз кое треба да почива проширувањето — дека напредокот се вреднува според јасни, познати и применливи критериуми. Ако европскиот процес е стратешки важен, тогаш европското лидерство мора да покаже дека може да посредува, да гарантира доследност и да спречува билатералните несогласувања да ја поткопуваат довербата во заедничкиот проект. Кога кандидатите со години чекаат пред затворена врата, проблемот не е само во нивното трпение. Проблемот е и во кредибилитетот на оној што им ветил дека постои пат напред.
Буџет, енергетика, земјоделство, миграции, сето тоа е истата болест на неефикасност на Брисел
Неодлучноста не завршува со часовникот и проширувањето. Таа се појавува и во расправите за европскиот буџет, во распределбата на товарот меѓу побогатите и посиромашните членки, во енергетската безбедност, во поддршката за земјоделците, во миграциската политика… Секое од овие прашања е сложено. Секое вклучува различни национални интереси. Но токму за тоа постојат заедничките институции, да создаваат компромиси што овозможуваат дејствување, а не компромиси толку разводенети што никому не му решаваат ништо. Кога енергетската политика доцни, последиците ги плаќаат домаќинствата и индустријата. Кога земјоделската политика се менува без доволна предвидливост, товарот го чувствуваат производителите. Кога миграциските правила не се спроведуваат доследно, се продлабочува недовербата и во институциите и меѓу самите членки. А кога буџетските одлуки стануваат долготрајна битка, европската солидарност ризикува да се сведе на сметка на бриселски пресметки на добивки и загуби за елитите, а не за граѓаните на Европа. Сето ова е доказ дека ЕУ мора да функционира подобро, во интерес на заедницата и во согласност со своите изворни мотиви на заедничкото европско здружување.
Либералната бирократија и кризата на лидерството
Европската Унија не е во криза само затоа што нејзините институции одлучуваат бавно. Таа е во криза и затоа што сè потешко ја објаснува смислата на своето постоење преку конкретни резултати за граѓаните. Политичкиот модел што произведува долги процедури, компромиси зад затворени врати и сложени административни решенија, а потоа очекува граѓаните да ги прифатат како единствено можно решение, ризикува да ја изгуби нивната доверба. Проблемот не е само во либералната идеологија како таква туку и во бирократскиот елитизам што може да се развие кога институциите ќе почнат повеќе да се грижат за сопственото функционирање отколку за резултатите од својата работа. Европа не смее да стане проект за зачувување на удобноста на нејзините политички и административни елити. Нејзината легитимност мора постојано да се потврдува со безбедност, благосостојба, правичност и способност за решавање на проблемите што ги засегаат луѓето. Ако граѓанинот постојано слуша за историски достигнувања, но секојдневно се соочува со институции што доцнат, се оправдуваат и ја префрлаат одговорноста, тогаш незадоволството не е изненадување. Тоа е политичка последица.
Европа мора да го фати сопственото време
Вчерашното поместување на часовникот траеше само неколку секунди. Политичката симболика, меѓутоа, е многу подолга и поголема. Европа ќе го врати времето наназад, но повторно нема да успее да ја придвижи одлуката напред. Затоа, прашањето не е само дали треба да се укине летното и зимското сметање на времето. Прашањето е дали Европската Унија има капацитет да ги реформира сопствените механизми, да воспостави јасни рокови, да ја ограничи можноста за бескрајно блокирање и да обезбеди политичка одговорност за недонесените одлуки. Потребни се институции што умеат да слушаат, но и да пресечат; да преговараат, но и да завршуваат; да ги почитуваат националните интереси, но и да го штитат интересот на Европејците. Диносаурусот не пропаѓа затоа што нема сила. Пропаѓа кога силата не му помага да се приспособи. Европа сè уште има знаење, капитал, демократска традиција и човечки потенцијал да остане еден од најважните светски центри. Но тие предности нема вечно да ја штитат ако политичката волја продолжи да заостанува зад историските предизвици. Зашто, ако Брисел не може навреме да одлучи за еден час, со каков кредибилитет ќе одлучува за иднината на еден континент? Тоа е вистинското предупредување од часовникот. И времето за негово разбирање истекува. Да им посочиме ли сега ние со прст на часовникот исто онака како што европски функционер, како гостин во Македонија, направи пред неколку години? Часовникот сега отчукува за Брисел. Н.М.
































