Фото: МВР/илустрација

Дванаесет возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на различни локации низ државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Од приведените, десетмина управувале возило без положен возачки испит. Станува збор за четворица жители на Скопје, по едно лице од селата Морани и Радишани во скопскиот регион, едно лице од селото Ресава, кавадаречко, едно од селото Слупчане, општина Липково, како и по едно лице од Прилеп и селото Тополчани, прилепско.

Другите двајца возачи управувале возило и покрај тоа што имале активна мерка за забрана за управување. Едниот е од Велес, а другиот од Крушево.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Министерството апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол.