Фото: Пиксабеј

Во Европската Унија во 2025 година биле запленети повеќе од 196 милиони фалсификувани производи, што е најголема количина досега. Бројот на запленетите артикли е за 67 проценти поголем во споредба со претходната година, покажува извештајот на Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската Унија (ЕУИПО), со седиште во Аликанте, Шпанија.

Рекордна е и проценетата вредност на запленетата стока, која достигнала 6,3 милијарди евра. За споредба, во 2024 година, која дотогаш го држеше рекордот, биле запленети фалсификувани производи во вредност од 3,9 милијарди евра.

Меѓу најчесто запленуваните производи се ЦД-а и ДВД-а, компјутерски програми, играчки, етикети и налепници. Значителен дел од запленетата стока го сочинуваат и цигарите и облеката.

Според извештајот, најголем дел од фалсификуваните производи потекнуваат од Кина, од каде што доаѓаат повеќе од 40 проценти од стоката. На второ место е Турција со удел од 18 проценти.

Зголемувањето на заплените се поврзува со засилените активности против шверцерските групи, како и со почестите и поуспешни контроли.

Сепак, ЕУИПО предупредува дека борбата против фалсификувањето станува посложена поради зголемениот број транспортни правци и ограничените капацитети на надлежните органи.

Дополнителен предизвик претставува растот на онлајн трговијата. Фалсификуваните производи сè почесто се испорачуваат по пошта и преку голем број компании за достава, што го отежнува нивното откривање и контролирање.

Во извештајот се нагласува потребата од нови мерки, подобра соработка меѓу надлежните институции и примена на посовремени алатки и технологии за заштита на интелектуалната сопственост и европската економија.