Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја предводи македонската делегација на Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора, денеска присуствуваше на работен ручек посветен на улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан.
– Регионалната соработка, размената на идеи и создавањето нови можности се важни чекори кон стабилен, просперитетен регион и забрзана европска интеграција – објави Мицкоски на својот профил на Фејсбук.
Самитот се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, а во фокусот на разговорите се економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзувањето на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
Мицкоски претходно изјави дека очекува од Самитот да произлезат силни пораки за европската перспектива на регионот, како и суштински дискусии и конкретни резултати.
На Самитот учествуваат лидерите од Западен Балкан, како и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој ја поддржува интеграцијата на регионот во Европската Унија. Настанот е завршен дел од претседавањето на Црна Гора со Берлинскиот процес.
Пред почетокот на Самитот, премиерот се осврна и на глобалните случувања, меѓу кои ги посочи војната во Украина, конфликтот со Иран, превирањата на финансиските пазари и протестите низ Европа.
– Живееме во многу предизвикувачки времиња. Веројатно сме сведоци на едни од најпредизвикувачките периоди што човештвото може да ги памети во овој век – рече Мицкоски, додавајќи дека неговата Влада е посветена на придонесот кон надминување на актуелните предизвици, особено во Европа.
Берлинскиот процес е меѓувладина иницијатива започната во 2014 година на иницијатива на Германија, за време на канцеларката Ангела Меркел. Неговата главна цел е продлабочување на регионалната соработка и забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.
































