Регионалната поврзаност на Западен Балкан веќе не е само економска придобивка, туку геополитичка неопходност за зачувување на стабилноста на Европа, оцени германската амбасадорка во земјава, Петра Дрекслер. Таа нагласи дека инфраструктурната, кибернетската, економската и климатската отпорност, заедно со владеењето на правото, се клучни елементи на современата безбедност.
Говорејќи на панел-дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“, Дрекслер посочи дека економскиот раст, критичната инфраструктура и безбедноста се меѓу приоритетните теми и на средбата на европските и регионалните лидери во Црна Гора, во рамки на Берлинскиот процес.
– Регионалната поврзаност повеќе не е само економска придобивка, туку геополитичка неопходност. Поврзувањето на Западен Балкан заради зајакнување на отпорноста е нашиот непосреден заеднички одговор за зачувување на севкупната стабилност на Европа – изјави германската амбасадорка, пренесе МИА.
Дрекслер нагласи дека отпорноста на физичката инфраструктура има стратешко значење не само за Македонија и регионот, туку и за Европа во целина. Според неа, безбедноста не треба да се разгледува изолирано, ниту отпорноста да се сведе само на издржливоста на електроенергетските мрежи, гасоводите и патиштата.
Таа повика на сеопфатен пристап што ќе ги опфати и заштитата на меѓусебно поврзаните мрежи од хибридни напади, стабилноста на синџирите на снабдување и подготвеноста за климатски предизвици.
– Климатската отпорност не е само еколошка неопходност, туку и безбедносен императив за да се спречат идни системски потреси што би ги погодиле нашите енергетски и водоснабдителни системи – истакна Дрекслер, посочувајќи ја и демократската отпорност како важен дел од целината.
Амбасадорката се осврна и на ажурираните основни барања на НАТО за национална отпорност за 2026 година, со кои повторно се дефинира нивото на нарушувања што едно општество треба да биде способно да го издржи.
Според неа, ревидирањето на барањата, прво од ваков обем во последната деценија, предвидува пристап што ги вклучува и владата и општеството.
Дрекслер посочи дека цивилната подготвеност, вклучително и зајакнувањето на кризно-оперативните центри и обезбедувањето сигурни комуникации за цивилни потреби, е директно поврзана со поддршката на воените капацитети и колективната одбрана.
Дрекслер оцени дека Македонија веќе презема чекори за зајакнување на националната отпорност. Како пример го наведе усвојувањето на Законот за кибербезбедност претходно годинава, како и унапредувањето на заштитата на центрите за податоци и енергетските капацитети, кои, според нејзината изјава, се третираат како критична национална инфраструктура.
Како втор пример ја посочи соработката со Украина, поддржана од НАТО, за воспоставување систем за командување при инциденти од новата генерација.
– Со својата посветеност на воспоставување целосно оперативни капацитети за службите за прва интервенција, унапредени со вештачка интелигенција и со можности за кибербезбедност, земјата ја покажува својата улога како проактивен партнер во регионалната безбедност – рече германската амбасадорка.
Дрекслер нагласи дека техничките и стратешките достигнувања не можат да бидат долгорочно одржливи без решавање на општествените и институционалните предизвици.
Според неа, потребно е подобрување на подготвеноста за кризни ситуации и обезбедување координирано и ефикасно постапување при катастрофи, на сите нивоа на власта и во сите институции.
Како еден од основните предуслови за долгорочна отпорност, таа го посочи функционалното и независно судство.
– Без интегритет на судството и владеење на правото, не може целосно да се воспостави институционалната доверба што е неопходна за долгорочна отпорност – истакна Дрекслер.
Панел-дискусијата е организирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Фондацијата „Конрад Аденауер“.
































