По бурата
Понекогаш наутро, за време на летниот распуст, по велосипедската патека покрај Вардар, Анастасија вози до „Александар Палас“, па се враќа назад, до мовчето, потоа, наизменично јавната на велосипедот или буткајќи го, шета по посенковитите места во паркот, загледана во високите крошни на дрвјата што го засолнуваат небото.
Не е од оние упорни точкаџии што низ цела година по неколкупати брзо вртејќи ги педалите ја минуваат натаму-наваму патеката до Влае. Таа повеќе сака да пешачи по познатите и понепознати патчиња низ зеленилото на паркот.
Денес, откако непредвидливиот тајфун помина низ Скопје, откорнувајќи столетни дрвја, глетката е поинаква. Дури по две недели од катастрофата, таа за прв реши да го посети нејзиниот омилен Градски парк што наликува на големо бојно поле со паднати титани, искасапени од гневот на Зевс. Се наближи до еден таков срушен титан во облик на горостасна топола и застана, беше потпрена на рачката од велосипедот – пред неа лежеше дебелото долго стебло, можеби три пати постаро од неа, кое преживеало војни, поплави, земјотрес, за по неколку минути смртно рането да падне на почвата.
Тајната вест се шепоти
Решив овој викенд да заминам до Охрид. Крај на август, почеток на септември, и градот е поспокоен, и езерото сѐ уште мами за капење. Ми останаа денови од одморот, и така никаде не бев летово, добро ќе ми дојдат малку опуштање и мир. А и ќерка ми сигурно ќе биде задоволна, станот ќе ѝ биде празен за дружења и журки.
Поминав до „Шаман“ на саботно утринско кафе. Таму седеше таксистот Тони, за чудо сам. Ја подигна тетовираната рака за да ме повика: – Здраво комшо, дојди. Ја угасив колата. Камо среќа барем во сабота да не возам, ама не иде. Вака, едно кафе, малку муабет и после пак на улица.
Едвај дочека да седнам до него. Се наведна накај мене и, што е невообичаено за него, го стивна гласот: – Слушнав, од доверливи извори, многу интересна вест – потоа, уште потивко: – Комшијата, го нашле, жив и здрав.
– Навистина? – се израдував.
– Потивко – ме опомена, иако во кафеаната немаше никој друг – Вистина е, сто отсто, од доверливи извори. Се повлекол во некоја куќичка, во беровскиот крај. Така му дошло, да се одмори од животот. Власта нема со ништо да интервенира… Само, те молам комшо, не кажувај го ова. Особено не на Михајло, тој е голем сплеткар.
– Нема – му ветив, иако и обајцата знаевме дека кога-тогаш, токму од Тони ќе се дознае за среќниот исход на случајот со исчезнатиот комшија. Тони, откако го допи кафето, ме поздрави гласно: „Се гледаме, те честам“, фрли две изгужвани стоденарки на масата, па истрча од „Шаман“. Од каде ги дознава овие новости, помислив, да не има навистина некоја врска во полиција?
Чув како го запали таксито и замина по улицата. Проверив на часовникот, се ближеше пладне. Ако сакам да го фатам денот, треба да побрзам, да наполнам плин во онаа моја скапаница и да тргнам кон Охрид.
































