Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“
Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ ја почнува новата деценијa, новата етапа од своето постоење. На ова 11-то издание на фестивалот, кој оваа година е под мотото „На прво светло“, се осветлува новата траса од патот што го гради „Киненова“. Фестивалот почнува денеска, во киното „Фросина“ во МКЦ, со најновиот филм „Три недели подоцна“ на Мирослав Терзиќ.
Што за вас конкретно значи оваа нова етапа, што сакате да биде поинаку во наредните изданија, а што не би смениле од досегашниот карактер на фестивалот?
– „Киненова“ ја започнува втората деценија од своето постоење, со сериозен багаж и длабока трага зад себе, водејќи со по она што значи висок продукциски, технички, програмски, содржаен, креативен, професионален светски стандард, карактеристичен за кој било високопрофесионален и меѓународно профилиран филмски фестивал. Фестивалот низ годините некако брзо си го пронајде патот, изгради свои поддржувачи, почитувачи и публика, не само во земјата туку и во регионот. Покрај публиката што ја придобивме, еднакво ми е драго и за филмските создавачи и професионалци од Европа, па и од светот, кои станаа мои и наши пријатели и на кои присуството и учеството на „Киненова“ многу им значи, како поради искуството така и поради професионалната референца. Фестивалот веќе претрпе големи промени и тој се менуваше низ годините. Сметам дека само така може да расте еден фестивал, па и каков било проект, да биде во дослух со времето, но чекор пред него. Па така, по 2000-та се случи една значајна пресвртница, кога наместо само кон регионот, хоризонтот го проширивме и кон Европа. Така, фестивалските лауреати, кои на почетокот беа регионални филмски актерски ѕвезди, сега се потврдени и светски значајни европски филмски автори, најчесто режисери. Тука се случи концепциски пресврт, во една линија како фестивал погледот го насочивме кон Европа и светот, а во друга линија, излеговме од рамките да се наградуваат и слават само регионални актерски ѕвезди, кои секако привлекуваат публицитет и публика. Ова не беше толку лесна одлука и пресврт за реализирање, со оглед на локалниот менталитет и, како што кажав и погоре, идентификацијата со регионот што неминовно значеше и ризик да се откажете од голем дел од регионалната публика. Сето ова сметам дека крајно го збогати фестивалот и со тоа тој доби на светско значење. Тоа што секако би го променил и веќе имам направено план за тоа, е уште повеќе да ја интернационализирам екипата на фестивалот, со што тој би постанал една голема платформа за вмрежување на голем број млади и нови филмски автори од целиот свет, но и професионалци што се занимаваат со филмот, без разлика дали во делот на создавање на филмската уметност или на пласман на истата таа. Сепак, она што е главна оска на фестивалот, првите филмови на новите автори, но и на оние поискусните, нема и не смее да биде променето, но може да биде видоизменето.
Сметам дека фестивалот има строго дефиниран и препознатлив концепт и карактер, по кој е светски препознаен, и тоа токму поради доследноста кон истиот тој. Многу е полесно да имате средства од државата заради тоа што сте државна институција и да се фалите дека сте ги купиле правата за победникот на Кан, Берлин или на Венеција. Тоа за мене воопшто не е предизвик и не придонесуваа кон развој на филмската дејност и на целото општество. Со тоа само го потврдуваме менталитетот на сервилност и голо следење на некакви трендови. Јас го одбрав најтешкиот пат заедно со моите професионални сопатници, да пронајдеме нови авторски гласови, нови таленти на филмскиот јазик во морето филмови и автори на светската филмска продукција. Верувајте ми, многу од тие филмови се на исто рамниште со високонаградените, понекогаш или често многу поискрени и, секако, пооригинални. Тие се всушност светската авангарда, која не секогаш е на пиедесталот на најголемите светски фестивали. За да го откриете тоа и да го промовирате локално, во оваа наша мала заедница, треба навистина голем напор. И тоа ќе остане моја мисија, да продолжам да ја градам и надградувам таа веќе успешно востановена традиција.
Говорите за „цената на независноста“ и за стагнација на институционалната поддршка. Што досега ве чинеше најмногу таа независност и што е тоа што ве тера и понатаму да не се откажете?
– Да, тоа ми е голема болка. И тоа не само заради „Киненова“ и заради мојот труд, туку заради неправдата во целата земја, во целото општество. „Киненова“ е проект што е создаден да придонесува за колективно добро, следствено, неправдата кон истиот тој е неправда кон целото општество.
Знам дека ова не е совршен свет, уште повеќе ми е јасно дека сме многу далеку до средена и просперитетна земја, но зависи како гледате на сето тоа. Доколку тоа е само изговор и утеха, тогаш со тоа само ги продлабочуваме општествената апатија и спиралата на опаѓање, на што сме сведоци. Јас на тоа гледам како на состојба што може и треба да се промени и одлучив да не молчам. И знам дека тоа е од чиста љубов кон оваа моја татковина, кон оваа прекрасна, ретко убава земја, култура и народ. Јас точно знам, од секој аспект, што значи независна сцена, какво е значењето на тој слободен простор и на таа слободна мисла, која ние како независна сцена на уметници, настани, фестивали ја чуваме и го негуваме духот на слободниот уметник. Да бидам поконкретен, многу е јасно и очигледно што нѐ чини независноста, нѐ чини опструкции на секој чекор и, секако, ограничување на буџетот. И најконкретно, не знам дали можете да си замислите, по еден таков натчовечки напор за организирање на јубилејното издание на фестивалот минатата година, кое чинеше огромни ресурси, и огромен кадровски потенцијал, што поради непостоењето соодветна инфраструктура за организирање на еден голем филмски фестивал во градот, што поради нашата амбиција да придонесеме кон развојот на филмската дејност, филмското образование, да ја подигнеме кинокултурата и да ја одржиме традицијата на одење во кино, ние и покрај огромната инфлација добивме исти средства како минатата година, кога сите други филмски фестивали добија покачување. За волја на вистината, минатата година ние како фестивал за првпат конструиравме професионално кино во големата сала на Македонската опера и балет, имавме тројца фестивалски лауреати, од кои двајца светски влијателни филмски автори, кое чинеше неверојатно многу, што секако не можеше да се покрие од добиените средства за таа година. И не само тоа, сите овие години ја зголемувавме и ја збогатувавме нашата програма, истовремено заострувајќи ги критериумите за гостите и подигнувајќи ги стандардите на професионалниот сегмент (индустриската програма). Тоа наидуваше на признание од речиси сите гости и партнерски институции, но за жал, не и од нашата матична институција. Наместо награда, валоризирање и буџет за унапредување на фестивалот, ние бевме оценети дека треба да стагнираме. Тоа се случува кога не постојат јасни професионални критериуми и правила во дејноста.
Во сето ова има и светла страна, која ни дава малку надеж, а тоа е препознавањето на вредноста, суштината и значењето на овој фестивал, кој изгради сериозна традиција, од Општина Кисела Вода. Професионалците од оваа институција, целосно се заложија, и логистички и финансиски, заеднички да ги реализираме програмите, особено работилницата за млади, која ја ставија високо на листата на свои приоритети.
Темата на годинашното издание е насилството меѓу младите, во филмската програма, но и преку работилниците за деца. Дали очекувате токму од нив да слушнете нешто што ние возрасните можеби не го гледаме или не сакаме да го видиме?
– Му даваме тематски облик на фестивалот, затоа што сметаме дека имаме сериозно акутна состојба со насилството меѓу младите, кое добива опасен облик и последиците можат да се немерливи. Моето искуство со ова општество вели дека токму оваа тема треба да биде меѓу највисоките приоритети во државата, да се издигне на високо државно, општествено и образовно ниво. Во спротивно сметам дека алгоритамот на општествените појави и однесувања покажува дека се движиме кон тешка трагедија. Временски и просторно не е далеку она што се случи во училиштето на Врачар во Белград. Сметам дека генерално се занимаваме само со последиците во која било област, па и во образувањето и воспитувањето на децата, младите и последиците од нивното погрешно воспитување или несоодветното внимание кон истите тие. Но насилството има корен. Тој е најчесто во родителите, но и во целото општество. А филмот има огромна моќ, како микроскоп да ја истражува и да ја расветли темата за причините за насилството меѓу младите, кое, како што вели режисерот на филмот што ќе се прикаже на отворањето на фестивалот, „Три недели потоа“, Мирослав Терзиќ: „Тоа веќе не е булинг, насилството е начин, модел на комуникација и однесување помеѓу младите“. Е тоа е сериозен проблем и предизвик. Јас лично сметам дека несвесноста во однос на моќта на технологиите ги доведува во заблуда луѓето тука дека телефоните и другите направи на модерното време за комуникација се само една обична алатка. Во недостиг од вистинска цел и содржаен концепт за животот, тие стануваат катализатор за наталожените фрустрации и внатрешни конфликти, предизвикани од интеракција со семејствата и во интеракција со општеството. Во динамично време, во кое сѐ помалку се слушаат нивните светови, болки и потреби, тие ги наоѓаат телефоните како излез, како начин за канализирање на своите потиснати стравови, потреби и фрустрации. Е токму работилницата „Снимај паметно, остави трага“ има цел да внесе концепт во нивните животи, во користењето на нивните телефони, учејќи ги за филмот како умешност за раскажување низ слики и како уметност преку која можат да најдат многу подлабока смисла во користењето на телефоните.
Кога ја гледате програмата како целина, која е заедничката нишка што ги поврзува овие навидум различни филмски приказни?
– Лично, отсекогаш сум имал одредена резерва кон тематските селекции, бидејќи верувам дека филмот, пред сè, треба да го следи сопствениот уметнички импулс, а не да се приспособува на однапред поставена рамка. Сепак, откако селекцијата беше заокружена, сфатив дека филмовите што заедно со Тереза Вена и Александар Русјаков ги одбравме за главната натпреварувачка програма на единаесеттото издание на МФФ „Киненова 2026“ ги поврзува една силна и препознатлива тематска нишка: фокусот врз маргинализираните, потиснатите и недоволно видливите групи во општеството – врз луѓето чии животи, искуства и вистини премногу често остануваат на периферијата на колективното внимание, како што се младите жени во конзервативните општества, децата со посебни потреби, младите што живеат без родители и други. Овие филмови нужно не поставуваат исти прашања, ниту произлегуваат од ист поглед кон светот. Нивната сила, напротив, лежи во различноста на авторските пристапи, во специфичноста на личните приказни и во подготвеноста да се навлезе во простори што често се премолчуваат, се избегнуваат или свесно се потиснуваат. Она што им е заедничко е одбивањето да го прифатат молкот како единствен можен одговор. И затоа, годинашната главна програма на фестивалот е архипелаг на авторски светови, составен од шест автентични, визуелно, тематски, наративно, режисерски и актерски моќни филмски приказни, кои емотивно ќе ве поместат. Кога ги гледате, имате чувство дека сте дел од тој, својствен сам за себе свет, како пред вас да се одигруваат сцените на животот, како безрезервно да стануваат дел од вас. Ете, толку се моќни овие филмови.
Особено за нагласување е тоа што дел од оваа селекција на филмови доминантно се филмови што се цензурирани или игнорирани во своите земји и кои се засновани на вистинити случувања и во кои учествуваат обични луѓе, а не само актери. Во тоа е моќта на овој фестивал. На овој начин придонесуваме кон унапредување на младата и кревка демократија во нашето општество.
Па така, ќе видите исклучително моќен филм од Киргистан, кој им дава глас на силно угнетуваните жени во тоа општество, ирански филм, направен од курдистански режисер, кој без ни малку автоцензура зборува за востановените или премолчени општествени мрачни догми, кои го угнетуваат природниот нагон на луѓето со посебни потреби, драматуршки и режисерски исклучителен филм на палестински режисер, кој има женски сензибилитет и кој бескомпромисно се нурнува во душата на палестинската жена, која е речиси без глас во своето општество, но уште потрагично, на која никој ниту однадвор не ѝ го слуша крикот за слобода, крикот за лична сатисфакција и среќа, словенечки филм што храбро плива во женскиот свет на млади балкански жени што пробуваат да се пронајдат себеси во контрадикторниот свет на лажната слика за ултимативно слободен свет и фрустрациите од стегите што ги предизвикуваат премолчените општествени предрасуди, најнов бугарски филм што нѐ внесува во светот на две жени, мајка и ќерка, и нивниот однос, кој е под силно влијание на таткото, односно сопругот, иако веќе мртов и физички неприсутен во нивните животи, како и најновиот српски филм со кој ќе биде отворен фестивалот, кој нѐ вовлекува во светот на младите, во кој главната оска за детерминација е насилството.
По 11 изданија, што е најголемата работа што „Киненова“ успеа да ја промени на фестивалската сцена во Македонија?
– „Киненова“ е авангарда во македонската филмска дејност. Започнавме ентузијастички, со голема и далекосежна визија, и сѐ уште не сме се откажале од истата таа, барем јас лично. Можеби звучи нескромно, но по „Киненова“, започна создавање на еден голем бран на филмски фестивали низ Македонија, што ми е крајно многу драго. Сето тоа е здраво за плурализмот на идеи, на концепти и на видувања општо, но и конкретно во филмската уметност, видувања за тоа како треба да се промовира и да се пласира филмот или истиот тој да се употреби за да се развие одредена локална заедница. Разни фестивали во последно време збогатија одредени региони низ земјата и тоа треба да нѐ радува и треба да се поздрави и да се поддржува. Но, во исто време, би рекол, дека е апсурдно Скопје како град, а особено како град домаќин на проектот Европски град на културата воопшто да нема киноинфраструктура и да се договараат поддршки без консултација и силна поддршка на целата независна сцена. Сето тоа нѐ убива, ги убива филмската дејност и целата култура воопшто. Во Драчево има пофункционално кино отколку во центарот на главниот град.
Нашето дејствување во овие исклучително тешки периоди за кинокултурата сметам дека е од суштинско значење за да се одржат интересот и вниманието на таа малобројна публика што остана и која успеавме да ја зачуваме минатите години. Неверојатно е тешко да придобиете млади луѓе да гледаат издржан, сериозен авторски филм, кој меѓу другото ги информира, ги образува и им отвора прашања на теми што и нив директно ги тангираат, затоа што живееме во комплетно еродирано општество со целосно изместени вредности и критериуми. Ние како земја сите заедно мора да изградиме контекст и концепт за секое поле, за секоја дејност, за да ги вратиме состојбите во нормала и да планираме прогрес. За контекстот треба да станеме свесни дека сите чинители треба да придонесеме, а за концептот – пред сè најодговорните во институциите што се платени со народни пари. Успесите на македонската кинематографија последните децении најмногу се засноваат на личниот подвиг на авторите, но ако имате цели генерации од млади луѓе што не знаат за македонските филмови и автори, на што јас лично сведочам, тоа е пораз. Убава е иницијативата да се прикажуваат во континуитет сите македонски филмови во едно комерцијално кино, но нам ни треба мрежа на артхаус-кина, кои во континуитет ќе ја негуваат и ќе ја образуваат публиката да гледа авторски филм. Ете тука, во тој процеп, сметам дека „Киненова“ ја игра клучната улога и би сакал повторно да ги видам оживеани старите кина, киното „Култура“, „Вардар филм“, можеби и киното во Домот на АРМ, нешто што беше убава реалност пред неколку децении, а на што се сеќавам. За мене е апокалипса киното „Култура“ да биде руина што сѐ повеќе пропаѓа, како и салата на Домот на АРМ, а некои од кината да бидат коцкарници или телевизиски студија. Се надевам дека ова ќе бидат светли точки во градот, а не уште некоја нова коцкарница. Затоа е огромна важноста на филмските фестивали во Скопје и во целата земја, кои сепак изискуваат посилна поддршка од државните институции, но и од целата заедница.
































