Најновиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, ќе ја има светската премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Токио на 30 октомври. Филмот е во натпреварувачката селекција на овој фестивал од А-категорија. Манчевски и дел од актерската екипа на „Сестра, брат и шахта“ ќе продефилираат по црвениот килим на отворањето на фестивалот во Токио на 26 октомври. По светската премиера во најголемата сала на фестивалот на 30 октомври, режисерот и актерите ќе учествуваат во разговори со публиката и со јапонските и меѓународни медиуми. На 2 и 3 ноември се закажани уште две проекции на филмот.
„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и за оние што немаат – во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра што живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои што – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.
Во 1995 г., Јапонија за првпат виде македонски филм. Манчевски, кој е многу популарен во Јапонија, беше првиот македонски автор што ги проби границите за македонскиот филм и во Азија. Тој беше во селекцијата на Токио уште со „Пред дождот“ и со „Прашина“, а во 2022 година и со „Кајмак“. Всушност во Азија, не само македонската кинематографија туку и името Македонија, како и нејзиното место на светската мапа се директно поврзани со филмовите на Манчевски.
„Сестра, брат и шахта“ е остра сатира и нежна студија на брат и сестра, кои со хумор и пркос се борат против едно корумпирано општество. Нашите Ивица и Марица крадат бисти за да преживеат и еден убав ден среќаваат една богата слепа баба, вели Манчевски.
Ликот на Малина во филмот го игра Сара Климоска.
– Нејзината сила и пркос ми беа јасни и неопходни за да преживее. Но најтешко и најважно ми беше да најдам начин ранливоста да произлезе природно од нејзината борба, а да не биде нешто што дополнително се глуми или нагласува. Ми беше важно таа ранливост да не ја направи Малина слаба, туку напротив, да ѝ дава сила да го штити својот брат – вели Климовска.
Филип Трајковиќ го игра ликот на Виктор.
– Во создавањето на улогата на Виктор видов радост и среќната страна на постоењето. Неговиот оптимизам и вербата дека луѓето сепак се добри и чесни се единствениот рецепт за вистинска среќа. Кога секоја постапка е водена од чиста љубов, не можеш да се осудуваш себеси дека си направил некакво зло. Тогаш можеш да се радуваш на сè што имаш, колку и да изгледа банално и неважно во очите на другите – вели Филип.