• „Сираче“ не го повтори одекот на славното деби. „Синот на Саул“ понуди радикално филмско искуство, во кое формата беше неразделна од темата. „Сираче“ го развива веќе препознатливиот јазик на Немеш во поконвенционална семејна драма. Неговиот подиректен пристап носи поголема пристапност, што некои од критичарите го ценат, но помало чувство на откритие
  • Споредбата со „Синот на Саул“ ја открива неговата главна слабост. Таму секој премин, средба и опасност се собираат околу една невозможна цел. Во „Сираче“, семејната тајна, политичката заднина и движењето низ Будимпешта ја разгрануваат приказната, но не секогаш ја продлабочуваат. Одделни епизоди го забавуваат развојот, а постојаната потиснатост понекогаш станува повторување на веќе воспоставено чувство. Некои од критиките токму во недостигот од драмски замав ја гледаат разликата меѓу двата филма
  • „Сираче“, сепак останува вреден внимателно изработен филм за тешкото наследство на преживувањето. Најмногу убедува кога историската тежина се собира во една соба, меѓу мајката и синот, каде што љубовта постои, но не може лесно да го поправи она што минатото го нарушило

Во „Синот на Саул“, еден човек се обидува да погреба момче што го смета за свој син. Во „Сираче“ (Orphan / Árva, 2025), едно момче се обидува да ја зачува претставата за таткото што никогаш вистински не го запознало. Ласло Немеш повторно ја поставува семејната врска во средиштето на историската катастрофа, но ја менува перспективата: по борбата за достоинството на мртвите, следува животот на оние што останале со нивното отсуство.
Будимпешта, 1957 година. Востанието против комунистичкиот режим е задушено, а дванаесетгодишниот Андор расте покрај мајка си, хранејќи ја надежта дека таткото, исчезнат во холокаустот, сепак ќе се врати. Неговата идеализирана слика се распаѓа кога се појавува груб човек што тврди дека е неговиот вистински татко. За Андор, тоа е закана за целото разбирање на сопственото потекло. Приказната, инспирирана од семејното минато на режисерот, ја поврзува детската несигурност со општество во кое стравот и премолчувањето продолжуваат да го уредуваат секојдневието.
Најсилниот дел од филмот е отпорот на момчето кон вистината што возрасните сакаат да му ја наметнат. Андор е повреден, тврдоглав и понекогаш неправеден кон мајката, чии постапки не може целосно да ги разбере. Сценариото на Немеш и Клара Ројер постепено покажува колку тешко искуството на преживувањето може да му се објасни на дете што бара јасни одговори. Мајчината потреба да продолжи со животот се судира со неговата потреба минатото да остане недопрено.
Бојторјан Барабаш го носи Андор со мешавина од ранливост и пркос. Неговата затвореност го прави уверлив, иако понекогаш ја ограничува емоционалната разновидност на приказната. Андреа Вашкович, како мајката, внесува посложена напнатост меѓу грижата, заморот и премолченото искуство, додека присуството на Грегори Гадебоа ја прави татковската фигура непријатно опиплива. Судирот меѓу замислениот татко и човекот пред него е подраматичен од самото прашање кој ја кажува вистината.
Немеш и снимателот Матјаш Ердељ повторно го приближуваат гледачот до ограниченото искуство на главниот лик. Камерата го следи Андор низ градот, а топлите придушени тонови создаваат свет истовремено жив и задушлив. Сценографијата на Мартон Аг и костимите на Андреа Флеш ја прават епохата уверлива, додека музиката на Евгениј и Саша Галперин и звукот на Тамаш Зањи ја дополнуваат вознемиреноста. Продукциската прецизност е еден од најпостојаните квалитети на филмот.
Сепак, токму споредбата со „Синот на Саул“ ја открива неговата главна слабост. Таму секој премин, средба и опасност се собираат околу една невозможна цел. Во „Сираче“, семејната тајна, политичката заднина и движењето низ Будимпешта ја разгрануваат приказната, но не секогаш ја продлабочуваат. Одделни епизоди го забавуваат развојот, а постојаната потиснатост понекогаш станува повторување на веќе воспоставено чувство. Некои од критиките токму во недостигот од драмски замав ја гледаат разликата меѓу двата филма.
Тоа помага да се разбере зошто „Сираче“ не го повтори одекот на славното деби. „Синот на Саул“ понуди радикално филмско искуство, во кое формата беше неразделна од темата. „Сираче“ го развива веќе препознатливиот јазик на Немеш во поконвенционална семејна драма. Неговиот подиректен пристап носи поголема пристапност, што дел од критичарите го ценат, но помало чувство на откритие.
„Сираче“ останува вреден внимателно изработен филм за тешкото наследство на преживувањето. Најмногу убедува кога историската тежина се собира во една соба, меѓу мајката и синот, каде што љубовта постои, но не може лесно да го поправи она што минатото го нарушило.