Фото: ЕПА

Стотици училишта во Франција и денеска останаа затворени поради неколкудневните ученички протести, кои предизвикуваат загриженост дека би можеле да прераснат во пошироки социјални немири во земјата, само седум месеци пред претседателските избори, пренесува ДПА.

Според прелиминарните податоци на Министерството за образование, денеска целосно биле затворени 224 училишта, додека 151 работеле со делумно прекини. Тоа е околу 30 отсто помалку погодени училишта во споредба со претходниот ден.

Француските ученици протестираат поради условите во образованието, меѓу кои недостигот од наставници за замена, дотраените училишни објекти и пренатрупаните распореди.

Владата се соочува со тешкотии во обидите да ги смири протестите, додека образовните синдикати повикаа на нови масовни демонстрации, откако за првпат се приклучија на националниот ден на протест.

Претходно беа регистрирани и изолирани блокади во средните училишта и на универзитетите, меѓу кои и на престижната париска високообразовна институција „Сианс По“.

Во телевизиско обраќање, премиерот Себастиен Лекорну им вети на учениците подобри услови за учење, но ја отфрли можноста за исполнување на нивното барање за значително зголемување на средствата за образованието.

Протестите привлекоа големо внимание поради повеќекратните судири со полицијата и избувнувањето насилство на маргините на демонстрациите. Во инцидентите биле приведени илјадници млади луѓе.

Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека полицијата ќе престане да користи шок-гранати за време на ученичките и студентските протести.