Околу 1.000 пациенти со рак на дојка биле дијагностицирани минатата година, а во моментов околу 7.000 пациенти се на активен третман на Клиниката за радиотерапија и онкологија, беше истакнато денеска на настанот „Појадок со Хема-Онко“.
Настанот, организиран од Здружението „Хема-Онко“ на Клиниката за радиотерапија и онкологија, беше посветен на пациентите, здравствените работници и на потребата од заедничко градење подобра и посеопфатна онколошка грижа.
Директорот на Клиниката, проф. д-р Игор Стојковски, информира дека минатата година биле воведени нови лекови, особено за пациентите со рак на дојка, со што бил зголемен бројот на пациенти кои добиваат специфичен третман.
Тој посочи и дека почнала постепена децентрализација на онколошките услуги, преку специјалистичко-консултативна дејност во ГОБ „8 Септември“. Планот е процесот да продолжи и во Клиничката болница во Битола, каде што онколог од Скопје би давал консултации.
Според Стојковски, децентрализацијата треба да се одвива во неколку фази, а следната би била воспоставување дневна болница.
– Примарно е безбедноста на пациентите да биде соодветна. Тоа подразбира, покрај кадар, и соодветна инфраструктура, за терапијата да може безбедно да се прима – рече Стојковски.
Тој призна дека постојат проблеми со гужвите на Клиниката, како и повремени доцнења во терапијата поради проблеми во дистрибуцијата.
Во однос на снабдувањето со лекови, Стојковски рече дека Клиниката може да укажува на веледрогериите и дистрибутерите за последиците од доцнењето врз пациентите. Тој додаде дека потребата од финансиски средства од година во година расте поради зголемувањето на бројот на пациенти, но и поради подолгото преживување и подолгото траење на терапиите.
– Минатата година некаде ја завршивме со 5.300 нови пациенти од различни локализации. Во принцип расте бројот, по 200 до 300 пациенти плус годишно новорегистрирани – рече Стојковски.
Тој посочи дека бројот на пациенти кои во текот на една календарска година барем еднаш се јавуваат на Клиниката е околу 20.000.
Стојковски информираше и дека на Клиниката денеска престојува онколог од Harvard Medical School, со кого се разгледуваат можности за соработка во едукацијата на помладите лекари, со фокус на ракот на дојка.
Од „Хема-Онко“ нагласија дека децентрализацијата мора да се спроведе внимателно, со приоритет на безбедноста и навременото добивање терапија.
– Не е поентата само да се прима терапијата, туку навистина да обезбедиме дека секој пациент кој нема да биде на Клиниката за онкологија ја прима безбедно оваа терапија – рече Ана Марјановиќ од Здружението.
Таа посочи дека со Министерството за здравство веќе се доставени неколку барања и дека започнува процес за подобрување на системот.
Како позитивен чекор го посочи воведувањето тумор-борд, односно мултидисциплинарен тим кој треба да учествува во одлуките за понатамошното лекување на секој пациент.
Според Марјановиќ, целта е со дигитализацијата ваквиот пристап да се овозможи и во другите здравствени центри, така што одлуките за терапијата би ги носеле мултидисциплинарни тимови, додека самото примање на терапијата и мониторингот би можеле да се одвиваат поблиску до местото на живеење на пациентите.
– Нашата цел е пациентите да можат да ја примаат, во наредните години, поблиску до домот својата терапија – рече таа.
Марјановиќ посочи дека паралелно со зголемувањето на бројот на заболени, расте и бројот на пациенти кои преживуваат, што дополнително ја зголемува потребата од соодветен и одржлив систем на лекување.
Таа оцени дека еден од сериозните проблеми за онколошките пациенти е дијагностиката, особено достапноста до термини за снимања.
– Пациентите не можат навремено да ги добијат термините, ниту по редовен пат, па се принудени тоа да го прават на приватно, што е неприфатливо – рече Марјановиќ.
Таа додаде дека со тумор-бордот се настојува да се олесни процесот на донесување одлуки за лекувањето, но и да се намалат гужвите на Клиниката.
На проблемот со долгото чекање за дијагностички процедури укажа и пациент кој се лекува на Клиниката. Тој за медиумите изјави дека за ПЕТ-скен се чека четири до пет месеци, а дополнителен проблем е тоа што, според него, постои само еден апарат во земјата и тој периодично се сервисира.
Пациентот посочи дека за резултат од компјутерска томографија се чека еден до два месеца, а пред тоа, според неговото искуство, се чека и неколку месеци за самиот преглед.
Тој укажа и на големиот број пациенти кои секојдневно доаѓаат на Клиниката и на недостигот од медицински кадар.
– Внатре има 300 луѓе и четворица лекари. За толку болни од рак со четврти степен, за кои деновите се изброени, не страдаат само болниот и семејството – рече пациентот.
Во однос на идната организација на онколошката грижа, од „Хема-Онко“ посочија дека целта е терапијата постепено да се доближува до пациентите, но одлуките за начинот на лекување да останат во рамките на стручни мултидисциплинарни тимови.
































