Светската здравствена организација (СЗО) за првпат објави глобални насоки за справување со дебелината кај децата и адолесцентите, со препорака фокусот да биде ставен на исхраната, физичката активност и одржливите промени во однесувањето, пренесе „Ројтерс“.
СЗО предупредува дека детската и адолесцентската дебелина бележи драматичен пораст во светот. Според податоците на организацијата, во 2024 година околу 170 милиони деца и адолесценти на возраст од 5 до 19 години живееле со дебелина, додека околу 400 милиони биле со прекумерна телесна тежина. Преваленцата на дебелината во оваа возрасна група е зголемена четирикратно од 1990 година.
Во новите насоки, СЗО препорачува кај децата со дебелина да се применуваат структурирани програми што комбинираат здрава исхрана, физичка активност и поддршка за промена на однесувањето. Програмите може да вклучуваат и дигитални здравствени интервенции, но со надзор и вклученост на родителите или старателите.
Лековите не се прв избор
Особено внимание во препораките е посветено на лековите за слабеење, вклучително и популарните GLP-1 терапии.
СЗО не препорачува фармаколошки третман, баријатриска хирургија или уреди за слабеење кај деца на возраст од 0 до 9 години. Кај адолесцентите од 10 до 19 години, одобрени лекови може да се разгледаат само доколку претходно спроведената, надгледувана програма со промени во животниот стил не дала посакувани резултати, пишува „Ројтерс“.
Според „Ројтерс“, СЗО смета дека сè уште нема доволно докази за долгорочната безбедност и ефикасност на GLP-1 лековите кај децата, поради што тие не треба да бидат првата линија на третман.
Проблемот не е само во килограмите
Од СЗО нагласуваат дека дебелината е хронична состојба чии последици можат да започнат уште во детството. Таа е поврзана со поголем ризик од заболувања како дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни болести.
Организацијата исто така предупредува дека децата со дебелина често се соочуваат со стигма, дискриминација и малтретирање, што може негативно да влијае врз нивното ментално здравје и квалитетот на животот.
Затоа, новите насоки препорачуваат третманот да не се фокусира единствено на намалување на телесната тежина, туку и на подобрување на целокупното здравје, функционирање и благосостојба на детето.
СЗО истовремено повикува владите да создаваат средина во која здравата храна и физичката активност ќе бидат подостапни и поприфатливи, бидејќи медицинскиот третман сам по себе не може да го запре глобалниот пораст на детската дебелина.































