На 28 ноември во Македонскиот народен театар во 12 часот премиерно ќе биде прикажан краткометражниот анимиран филм за деца „Лефти и Рајти си најдоа дом“. По проекцијата на филмот, приказната ќе продолжи во живо на сцената со театарски перформанс за деца, со дијалози, песна, танц и интеракција со публиката. Режијата ја потпишува Бојан Трифуновски, еден од нашите најистакнати театарски режисери, со посебен сензибилитет и чувство за работа со деца.
Целата премиерна програма ќе трае околу 45 минути и е замислена како мултимедијално искуство за целото семејство, спој на филм, театар и музика. Театарскиот перформанс е замислен како мини-мјузикл за деца, во кој освен тематската песна на филмот „Ќе бидам пријател“, ќе има и песна од Калиопи, која ја отстапи специјално за овој перформанс.
































