Фото: Весна Јаневска/Фејсбук
Фото: Весна Јаневска/Фејсбук
Фото: Весна Јаневска/Фејсбук
Фото: Весна Јаневска/Фејсбук

Екипи на ЈП „Водовод и канализација” – Скопје вчера интервенирале во тоалет во реновираниот студентски дом „Стив Наумов” каде што одводот бил затнат поради фрлени влажни марамчиња.  На Фејсбук реагираше министерката за образование и наука Весна Јаневска, која побара поголема совесност и одоворност на студентите  сместени во домот кој беше темелно реконструиран и отворен пред две недели.

-Апел и одговорност – ова повеќе да не се случува! Обезбедивме најсовремени услови за престој на студентите во студентскиот дом „Стив Наумов“. Но, за тие услови да останат такви, неопходна е одговорност, совесност и грижа од сите што го користат домот. Ова се случи вчера, само две недели откако домот беше вселен – затнат тоалет поради фрлени влажни марамчиња. Неразградливите материјали не припаѓаат во тоалетната школка и може да предизвикаат сериозни проблеми со канализацијата. По интервенцијата на ЈП „Водовод и канализација“ проблемот беше отстранет, а просториите исчистени – напиша Јаневска на својот фејсбук-профил.

Министерката укажува дека реконструираниот дом е капитална инвестиција, во која, како што наведе, вложени се многу труд, време и средства.

-Тоа е инвестиција за студентите денес, но и за многу генерации што допрва ќе престојуваат во него. Затоа апелираме до сите студенти да се однесуваат одговорно, да го чуваат домот и заедничките простории. Да покажат почит кон јавните добра. Да бидат пример за добро однесување и заедно да им оставиме на идните генерации студенти исто толку добри и пристојни услови за престој – пишува во објавата на Јаневска на Фејсбук.