Осмото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“ се одржа на платото пред Домот на АРМ и во кафе и филм „Котур“ и понуди богата музичка програма, театарска претстава и 48-часовен филмски предизвик во последните три фестивалски дена. Во рамките на програмата се одржа концерт на „Лелеее“, Роза и Сам. „Лелее“ е столб на регионалната инди-сцена, а со нивниот звук, живописен и разигран, го спојуваат духот на југословенскиот нов бран од 1980-тите со слекер-рок сензибилитетот од 1990-тите и темпераментот на Јадранот. Роза гради ново живеалиште на звукот од урнатините на афробит, џез, постпанк,
тропикалија, краутрок, боса нова и синт поп — кинематографски пејзажи, светлечки клавијатури, хипнотичен краутрок пулс и тапани прецизни како
отчукување на срце, се распрснуваат во богати визуелни ефекти на сцената. Сам е хипхоп-артист и продуцент од Тетово, никнат од темелите на тетовската и македонската андерграунд рап-сцена уште од 2008 година. Музичка селекција имаше диџеј Боле, концерт во дворче имаше „Хот џез оркестар“, се одигра театарската претстава „Казабалкан“, во режија на Дамјан Костовски и сценарио на Горан Стефановски. Драмскиот текст претставува вистински предизвик и одговорност да се постави во ова време, не само затоа што станува збор за текст на Горан Стефановски туку и затоа што главна тема на оваа драма е војната. Претставата зборува за индивидуата во време на војна каде што љубовта
и основниот инстинкт за преживување го мотивираат човекот да поверува во чуда. Вчера во Домот на АРМ имаше проекции на филмовите продуцирани од 48-часовниот филмскиот предизвик и доделување на наградите, со што се заокружи фестивалот.