Фото: Маја Јаневска-Илиева

Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, информираше дека денеска е направен конкретен чекор кон реализација на проектот за булеварот „Цветан Димов“. Екипите на Општина Чаир, заедно со геодетски експерти, излегоа на терен за прецизно утврдување на трасата на булеварот, соопштија попладнево од локалната самоуправа.

Реализацијата на овој проект се очекува значително да го подобри сообраќајот и инфраструктурното поврзување на Чаир со Бутел, Шуто Оризари и околните општини.

Според Меџити, проширувањето на „Цветан Димов“ претставува една од значајните инфраструктурни интервенции и долгогодишна потреба на граѓаните од овој дел на градот.

– Денеска направивме конкретен чекор кон реализација на булеварот „Цветан Димов“. Нашите екипи, заедно со геодетските експерти, се на терен за прецизно утврдување на трасата. За мене, овој проект е повеќе од инвестиција во инфраструктурата – тој е исполнување на едно ветување и одговор на долгогодишната потреба на граѓаните. Ветувањата имаат вредност само кога се претвораат во конкретна работа, а булеварот „Цветан Димов“ веќе преминува од ветување во реализација – пишува во изјавата на Меџити.

Градоначалникот истакнува дека реакциите на граѓаните на терен се исклучително позитивни, бидејќи проширувањето на оваа сообраќајница се очекува директно да придонесе за олеснување на сообраќајот и подобрување на инфраструктурната поврзаност во овој дел на Скопје, пренесува МИА.