Дијалогот за реформите во изборното законодавство треба да продолжи, а СДСМ да се врати во процесот и да ги повлече деветте илјади поднесени амандмани, беше порачано на денешниот консултативен состанок во Министерството за правда.
Средбата беше иницирана од министерот за правда Јетон Шасивари, а на неа учествуваа претставници на сите политички партии застапени во Собранието, со исклучок на СДСМ. Засега нема најава кога би се одржала следната средба.
По состанокот, Шасивари изјави дека целта била да се разгледаат отворените прашања и можните чекори за деблокирање на процесот и негово враќање во активна институционална динамика.
Тој најави дека во наредниот период ќе побара средба со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со цел, како што рече, да му се даде „втора шанса“ на процесот, кој го оцени како значаен дел од реформската агенда.
– Изборното законодавство бара широка институционална одговорност, бидејќи правилата на изборниот процес се темел на довербата на граѓаните во демократските институции. Како министер за правда, мојата покана за разговор не беше покана за политичко надмудрување, туку за институционална одговорност – изјави Шасивари.
Тој нагласи дека Изборниот законик ги утврдува правилата според кои граѓаните ја остваруваат својата слободно изразена волја и оттука, според него, сите политички чинители имаат одговорност да учествуваат во дијалогот.
– Можеме да имаме различни политички ставови, но не смееме да дозволиме разликите да бидат пречка за унапредување на изборниот систем – порача Шасивари.
Министерот истакна дека СДСМ е релевантен политички субјект и дека очекува партијата да се врати на преговарачката маса, посочувајќи дека нејзините ставови се значајни за процесот.
Според Шасивари, измените на изборното законодавство треба да бидат усогласени со европските стандарди и препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

































