Фото: Пиксабеј

Есента е омилено време за многу луѓе да патуваат. Метежите се намалуваат, температурите стануваат попријатни, а пејзажите добиваат сосема нови бои. Но постои уште една причина зошто вреди да се спакува куферот во ова време од годината, а тоа е храната. Од свежи тартуфи во Тоскана и берба на грозје во Напа, Калифорнија, до јастог во Мејн и баварски специјалитети на „Октоберфест“, есента е врвот на гастрономската сезона во многу делови од светот. Затоа „Травел лежр“ собра готвачи и експерти за патувања, кои издвоија седум дестинации што вреди да се посетат токму поради она што е во чинијата во ова време од годината.
Ако постои американска држава создадена за есен, тоа е Вермонт. Освен пејзажот во препознатливи црвени и златни нијанси, оваа сезона носи цела низа локални специјалитети. Меѓу нив се свежо пржените крофни со јаболково вино, но и таканаречениот јаворов крем, локална верзија на мек сладолед со јаворов сируп. Токму овие едноставни сезонски вкусови се една од причините зошто познавачите на храна го препорачуваат Вермонт како есенска дестинација.
Летото можеби привлекува најмногу туристи, но експертите од Мејн тврдат дека оваа американска држава особено сјае наесен. Тогаш овоштарниците се полни со јаболка, а тоа што нема метеж и свежото време ја дополнуваат атмосферата. Флорида можеби нема есенски пејзажи како Вермонт или Мејн, но она што ѝ недостига во шарено зеленило го надоместува со фестивали за храна. Во „Волт Дизни ворлд“ во Орландо, од крајот на август до ноември, се одржува меѓународниот фестивал на храна и вино EPCOT, каде што можете да вкусите јадења од различни делови на светот. За љубителите на вино, тешко е да се најде подобра есенска причина за патување од долината Напа во Калифорнија.
Исланд веројатно не е првото место што повеќето луѓе ќе го поврзат со гастрономско патување, но есента таму носи многу специфична сезонска традиција. Едно од искуствата вклучува патување до оддалечен дел од исландскиот брег, каде што локален водич подготвува јагнешко на отворен оган во пештера – комбинација од храна, пејзаж и локална традиција што е тешко да се повтори на кое било друго место. За есенско гастрономско патување, Минхен не може да се заобиколи. Оригиналниот „Октоберфест“ се одржува оваа година од 19 септември до 4 октомври, и додека пивото е неговиот најпознат симбол, храната е еднакво важен дел од искуството.