Домот на културата „Злетовски рудар“ на 5 октомври ќе биде домаќин на првата самостојна изложба на Горан Анастасовски, фотограф, чија повеќегодишна работа посветена на животинскиот свет е објавувана во некои од најпознатите светски медиуми. Анастасовски повеќе од 15 години го следи животинскиот свет низ објективот, а неговите кадри досега се објавувани во „Нешнл џиографик“, „Си-ен-ен“, „Би-би-си“, „Ројтерс“, „Форбс“, „Тајмс“, „Дејли мејл“, „Телеграф“, „Индипендент“, „Њујорк пост“, „Инсајдер“, „Фигаро“ и други меѓународни медиуми.
Особеност на неговата приказна е што дел од кадрите што добиле меѓународна видливост се создадени многу поблиску отколку што би се очекувало – во Зоолошката градина во Скопје. Наместо егзотични дестинации, за нивното создавање биле потребни трпение, внимание и способност да се препознае вистинскиот момент.
Во текст посветен на неговата работа, „Дејли мејл“ го опишува како „крал на фотографијата“, издвојувајќи го неговиот начин на доловување на животните и нивните изрази.
По повеќе од 15 години фотографска работа, Анастасовски за првпат го претставува своето дело во рамките на самостојна изложба. Поставката ќе понуди избор од неговата работа посветена на животинскиот свет – портрети, блиски средби и моменти во кои фотографијата ја надминува документарната белешка и прераснува во приказна сама за себе.
Со оваа изложба, Домот на културата „Злетовски рудар“ ја продолжува својата програмска определба да создава простор за автори чие дело ги надминува локалните граници и да ја доближува современата уметност до локалната публика. На тој начин, изложбениот салон на домот станува место на средба меѓу локалната публика и автори чија работа има поширок културен и меѓународен контекст.
Отворањето е закажано за 5 октомври, во 12 часот, во изложбениот салон на Домот на културата „Злетовски рудар“ во Пробиштип.
































