Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје ќе биде простор на централниот настан на деветтото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ на 2 октомври (петок), со почеток во 19 часот.
– Низ програмата ќе нè води Александра Јуруковска, која ќе презентира кус приказ на најважните карактеристики што му дадоа белег на годинашниот конкурс, кој годинава е во духот на одбележувањето на јубилејот – 95 години од раѓањето на Анте Поповски. Исто така, ќе проговориме и за одбележувањето на јубилеите – 30 години од објавувањето на книгата есеи „Окото, светлините“ и 25 години од објавувањето на маестралното поетско дело „Света песна“ од Анте Поповски – најавуваат организаторите.
За естетските вредности на збирките на добитниците на традиционалните поетски награди, „Антево перо“ „Антев златник“ и „Антев часовник“, во продолжение ќе се осврне Атина Цветаноска, членка на комисијата, по што ќе следува и врачување на наградите. Публиката ќе проследи и поетско читање, на кое ќе се претстават годинашните лауреати и авторите што беа селектирани во потесниот избор за наградите.
































