- Сеќавање на Петре М. Андреевски, 23 септември, Градска библиотека „Браќа Миладиновци“
Македонската книжевност е бескраен духовен простор што од своите длабочини изнедрил автори што со своето дело создале несоборливи книжевни фортификации, кои со времето прераснале во главна одбрана на нашиот јазик, култура и идентитет. Фокусот на овој историски и вредносен пресек се прекршува и започнува да еманира непроценливи вредности преку делата на писателите од втората и третата генерација македонски писатели, кои воведоа препознатлив стил, вредносни амблеми и модернитет во нашата книжевност. Тие автори оставија длабоки траги во нашиот книжевен свет и како темелници на македонската модерна книжевност квалитативно и системски ја издигнаа и ја зацврстија нашата книжевна кула и поставија творечки насоки, кои и до денешен ден се главни книжевни патокази.
Петре М. Андреевски е дел од врвот на таа македонска книжевно-естетска пирамида составена од автори, избрани од Бога Македонци, кои станаа чувари на нашето најголемо богатство. Тој, неговата поезија, романите, расказите, драмите и поезијата за деца вечно остануваат во величествениот македонски книжевен пантеон. Тој е беспрекорен поет, кој создавањето песна не го владее само како мајсторство на духот туку и како подарок од Бога, кој треба да се подели со сите; совршен, би рекол иконичен романсиер и раскажувач, драмски автор за должна почит и инспиративен поет за деца.
Оваа негова, теоретичарите би рекле, убиквитетност, односно жарновско сеприсуство, многу пати фактографски е потврдена од македонските книжевно-научни центри и за него многу е пишувано, а неговото дело е елаборирано низ повеќе вредносни согледби. Се разбира и валоризирано со доделување на највисоките македонски книжевни и државни награди. Затоа денешното книжевно сеќавање на великанот има цел да се потсетиме на големината на неговото дело, со зборови што го објаснуваат Петре М. Андреевски како писател, книжевен деец и човек носител на духот. Денес формално обележуваме дваесет години од неговата смрт, но сеќавањето на неговото дело секогаш ќе биде подвижен празник за нашата литература. За неговото книжевно постоење нема заборав. Неговото дело е долголетие исполнето со љубов, топлина и со заштитни зборови за сопствениот народ и хармонијата помеѓу животот и човекот. Неговата аура е непробојна. Тој е бард што ја слави татковината и адепт што зад себе оставил света книжевна доктрина.
Во неговите дела доминираат длабоки емотивни и психолошки простори, кои се исполнети со духовност, лично преиспитување и комуникација со минатото и реалноста. Во поезијата носечка детерминанта е животот со сите доблести и препреки и љубовта кон жената, која честопати се поистоветува со татковината. Неговиот творечки пат и освоените лирски простори имаат посебни пораки. Тоа посебно се истакнува во неговите две неодминливи книги „Дениција“ и „Дални наковални“.
Преку огромната лирска интонација, поетот пристапува кон многу животни прашања, со објаснување на животниот љубовен мозаик и мајсторско прераскажување на традицијата како поетски појдовна точка. Затоа неговите стихови го објаснуваат времето на нивно создавање и комуницираат долго со читателите. Малку се авторите што можат да се пофалат со една таква вонвременска рамка. Неговата единствена „Дениција“ засекогаш ќе биде еден од највидливите македонски поетски светилници. Едноставно, без „Дениција“ не е можно да се објаснат и да се протолкуваат клучните моменти во модерната македонска поезија. Петре М. Андреевски во „Дениција“ ги објаснува и ги допира, со одговор или со прашање, сите вечни поетски теми: жената, родната земја, природата, животот, постоењето и идентитетот.
Во прозата дискурсот е насочен кон татковината, кон животот, кон искривоколчената историја на неговиот народ, и смртта како дел од човековото постоење. Овие патокази и сите фактографски дополнувања ги претвораат темите во активни чинители во неговите дела. Петре М. Андреевски (без разлика дали се чита неговата поезија или проза) е автор што го принудува, или поблаго речено, го заинтригирува читателот да ги прочита неговите дела докрај и да се обиде да стане дел од нив. Да посака да ја најде Дениција во својот живот. Да се преиспита за историјата на својот народ, да комуницира со ликовите од неговите романи и храбро да размисли за „сите лица на смртта“ и за минатата реалност. Токму таа мината реалност е камен од кој се поаѓа во разбирањето на неговите култни „Пиреј“, „Скакулци“ и „Сите лица на смртта“.
Петре М. Андреевски го потврдува големото писателско мајсторство со објавувањето на романот „Пиреј“. За овој роман македонската книжевна и научна критика се има изјаснето во најголеми суперлативи и тој е наречен роман темелник, ремек-дело, култен роман во нашата литература. „Пиреј“ веднаш по објавувањето прераснува во книга без која не може да се замисли современата македонска книжевност. Во „Пиреј“ имаме брилијантна писателска организираност на времето преземено од почетоците на минатиот век во Македонија. Таа книжевна организираност е наше големо азно, кое се чита и ќе се чита уште многу долго време.
Станува збор за исполнета и сложена наративна форма, која, според структурата, галеријата на ликовите, нивните монолози и дијалози, укажува на фактот дека станува збор за капитален македонски роман; кој е вистинскиот дагеротип на реалната слика што се случува во тогашната наша татковина. Обработката (книжевна) на историските вистини, уметнички е трансформирана во потресна приказна за состојбите во Македонија; деновите пред и по Балканските војни, насилните мобилизации и разделувањето на семејствата во противнички војски: стравотиите на војната и систематското уништување на сите човечки и семејни вредности. Веќе посочив, „Пиреј“ е далеку од обична историографска обработка на тој период. Тој е врвно книжевно остварување, кое преку судбината на Јон и Велика Мегленоски, нивното семејство и опкружувањето, мајсторски и со врвен книжевен осет ги сигнализира општествената, политичката и животната реалност, односите во семејството и посебно патријархалната „вменгеменост“ на жената во тој временски период. Семејство на Јон и Велика и нивната голгота и физичката и морална катастрофа го отсликува животот на тој простор во тоа време: Јон во детството и младоста – почеток на трагедијата; Јон и неговото запознавање со Велика – почеток на темната семејна приказна; Јон и краткотрајната радост со многудетното семејство; Јон и регрутацијата во војската како српски војник и времето на војната; Јон и конфликтот со сопствениот брат Мирче, кој е регрутиран како бугарски војник во противничката војска.
Потоа враќањето од војната и неговата стравотна метаморфоза (кога дознава дека на Велика ѝ умреле петте деца), трансформација што добива болни и садистички карактеристики.
На другата страна е Велика, неговата жена (традиционална и патријархално потчинета Македонка). Велика, храбрата жена што останува сама да се бори со животот, со гладот, со болеста, со смртта. Велика, мајката на која несреќата и колерата ѝ ги убиваат сите пет деца и таа со сопствени раце ги закопува. Самата и немоќна Велика, која со голем дух се бори против бедата и лудилото, кое во нивното село прераснуваат во пекол и „спасоносен“ ритуал. Велика, жената херој, за која страдањето не минува ни по враќањето на Јон и раѓањето на нивното шесто дете Роден Мегленоски. Велика, која пред смртта е храбра и одбива да биде закопана во гробот на Јон. (Тоа е клучниот мотив на почетокот на романот и чудењето на нивниот син Роден, кој се прашува зошто мајка му не сакала нејзините коски да се измешаат со коските на татко му. Во тоа, за да си објасни, му помага пријателот на татко му Дуко Вендија, кој му ја раскажува целата приказна онака како што ја слушнал од татко му и мајка му.)
„Пиреј“ не е роман на илузии и фикции што треба да го оформат како дело. Тој е книжевна факција, потресна вистина што доминирала на нашите простори во тие времиња. Тој е мајсторски напишана приказна за историските катастрофи, војните, ѕверствата направени од човек врз човек, обезличувањата човечки и националните катастрофи.
Оваа состојба, како животна рамка на Јон и Велика, слободно може да биде пандан со многу македонски трагедии од тоа време. Во романот мајсторски се предадени внатрешните монолози на главните ликови, а потрагата по животната смисла е постојана и секогаш бара одговор. Покрај овие насоки во оформувањето на ова ремек-дело, романот може да се разбере и како роман за изгубената човечка свест на обичниот човек и онаа најважната – колективна свест. Тој е роман за времето во кое се изгубени сите вредности и спасот се бара во магии и надреални состојби. Времиња во кои лудите треба да ги заменат паметните, а паметните да полудат! Појавувањето на „Пиреј“ и неговата голема јавна рецепција е придобивка не само за македонската книжевност туку и за Македонија. За крај на ова мое кусо обраќање за „Пиреј“ ќе го предадеме метафоричниот почеток (мотото на романот): „Пиреј е троскотна трева, а некој ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кашкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата пак ќе фати, ќе оживи, ќе потера, ништо не ја ништи таа трева…“
Братислав Ташковски
































