Европската комисија (ЕК) подготвува нова архитектура на проширувањето, Македонија повторно надвор од радарот на бриселските елити
- Брисел прави нова поделба на кандидатите, и тоа според правила што се повеќе од еластични, непредвидливи, политички… Црна Гора,
Албанија, Украина и Молдавија добиваат патокази кон членството, додека Македонија останува без временска рамка. По Преспа, промената на името и новите уставни услови, Македонија повторно го добива истиот одговор… Прашањето веќе не е само кога Македонија ќе влезе во ЕУ, туку дали воопшто се применуваат исти правила за сите?! Очигледно е дека одговорот е – не!
Европската патека на Македонија повторно влегува во нов лавиринт. Додека Брисел подготвува посебни патокази за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија – документи што треба да утврдат конкретни чекори, рокови и очекувани резултати на патот кон завршување на преговорите, Македонија останува надвор од оваа нова група. Информацијата што ја објави бриселски „Политико“, повикувајќи се на високи европски функционери, е пренесена и од други европски медиуми. Имено, четирите земји се третираат како најнапредни кандидати за кои Брисел сака да создаде појасна траекторија кон членството, а Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, според тие информации, во оваа фаза нема да добијат такви патокази. Можеби тоа не претставува формално исфрлање од процесот на проширување, но политичкиот сигнал е тешко да се занемари. Во момент кога Европската Унија повторно го отвора прашањето за забрзување на проширувањето, Македонија не е во групата за која Брисел сака да зборува во термини на рокови за завршување на преговорите. За земја што 21 година е кандидат за членство, тоа е тежок облик на бриселско лицемерство и парадокс.
Од чекалница во чекалница…
Македонија доби кандидатски статус во 2005 година. Европската комисија потоа со години препорачуваше отворање преговори, а преговорите формално беа отворени во 2022 година. Македонија со години беше оценувана како подготвена за почеток на преговорите, но кога конечно дојде моментот за отворање на процесот, тој беше поврзан со нов услов, и тоа, ни помалку ни повеќе, уставни измени со кои во Уставот треба да бидат внесени и други народи, меѓу кои се наведуваат и Бугарите, како носители на државноста и конститутивни елементи на државата!?
Европската комисија и денес го повторува истиот услов. Во последниот објавен извештај за Македонија, Комисијата констатира дека земјата продолжува со подготовките за отворање на првиот кластер, но дека нема усвоено уставни измени во согласност со заклучоците на Советот од јули 2022 година. Истовремено бара забрзување на реформите во владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата. Од европска перспектива, значи, условот не е исполнет. Од македонска перспектива, пак, ЕУ станува „подвижна цел“, која постојано менува позиција, услови, содржински и временски рамки… Затоа, се отвора прашањето „зошто политичкиот пат кон ЕУ за Македонија постојано се поместува од европски реформи кон прашања поврзани со историјата, идентитетот и билатералните односи со соседите“. Токму тоа прашање повторно го отвори претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Салцбург.
Претседателката Сиљановска-Давкова даде македонско резиме пред европската јавност во Салцбург
На 28 септември, на 22. Европски самит во Салцбург, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова зборуваше директно за македонскиот европски пат. Таа потсети дека од 35 години независност, Македонија 21 година е кандидат за членство, дека има 17 позитивни извештаи за почеток на преговорите и дека е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Но нејзината најостра порака беше за цената на европскиот пат. Според претседателката, Македонија ги променила државното знаме и уставното име и усвоила 36 уставни измени, од кои, како што оцени, најголем дел биле диктирани однадвор.
– Секоја концесија раѓаше ново барање, а секој компромис стануваше повод за нова уцена – порача таа.
Тоа е политичка оцена на претседателката, а не формулација на институциите на ЕУ. Но токму затоа е значајна. Зашто за првпат дилемата не е само дали Македонија ги исполнува условите. Дилемата е дали самите услови се поставуваат според истата логика за сите кандидати?! Повеќе од очигледно е дека нема дилема!
– Европската Унија официјално инсистира дека проширувањето е процес заснован на заслуги. Европската служба за надворешна политика во својот извештај нагласува дека темпото на реформите, особено во демократијата, владеењето на правото и фундаменталните права, директно влијае врз брзината на пристапувањето. Тоа е принцип што звучи логично. Но токму затоа македонскиот случај станува толку интересен. Ако меритократијата значи „исполнете ги европските критериуми и напредувајте“, тогаш секој услов што доаѓа од билатерален спор мора да биде објаснет со особена прецизност. Сиљановска-Давкова токму тоа го направи во Салцбург. Таа оцени дека процесот на проширување сè почесто станува заложник на билатерални спорови што не се дел од Копенхашките критериуми. Според неа, ако напредокот не зависи од самите реформи, процесот ја губи кредибилноста. Тоа е политички аргумент што може да се оспорува, н не може да се игнорира – вели нашиот соговорник, искусен дипломат од кариера и аналитичар на меѓународните односи.
Кој сака да ја казни Македонија?
Брисел во моментов не ѝ нуди на Македонија ист тип на временски патоказ како што го подготвува за четирите кандидати што ги смета за најнапредни. И тоа се случува во момент кога Европската комисија зборува за нов импулс во проширувањето.
Европската комисија во својот пакет за проширување од 2025 година ги наведе Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија меѓу земјите со значителен напредок. За Украина и Молдавија беше констатирано дека ги исполнуваат условите за отворање повеќе кластери, додека Албанија се движи со амбиција да ги заврши преговорите до 2027 година. Црна Гора е уште подалеку. Таа веќе ги има отворено сите 33 преговарачки поглавја, а значителен број се привремено затворени. Албанија исто така ги отвори сите поглавја. Во таа смисла, Брисел го истакнува своето алиби, а тоа е дека наводно „овие четири земји се технички подалеку во процесот“. Извори од Брисел за „Нова Македонија“ велат дека „нема одлука на Европската Унија со која Македонија е „казнета“, дека нема одлука дека е исфрлена од европската перспектива и дека нема ни формална одлука дека Косово, Босна и Херцеговина и Македонија се нова трајна „трета лига“. Но, за жал, тоа уште не го решава македонското прашање.
Срамота за критериумите на ЕУ и на Брисел за Македонија да биде изедначена во статусот на евроинтеграциите со Косово
Во медиумската поделба што произлегува од информациите за патоказите, Македонија се појавува заедно со Косово и Босна и Херцеговина, имено со земји што во моментов не се опфатени со новата иницијатива за конкретни временски траектории.
– Тоа е една крајно политички безобразна порака од Брисел. Да, и сето ова значи дека трите земји имаат ист институционален статус или исти проблеми?! Македонија има кандидатски статус од 2005 година и формално отворен пристапен процес од 2022 година. Косово има апликација за членство, но не е во иста преговарачка фаза. Босна и Херцеговина има кандидатски статус, но исто така е на поинаква точка од преговарачкиот процес. Затоа споредбата е политички впечатлива, а институционално се претвора во тврдење дека Брисел ги ставил трите држави во еднаква категорија?! Затоа, ефектот врз македонското чувство за неправда е реален. Земја што повеќе од две децении е кандидат, која помина низ Преспа и која ги започна пристапните преговори, сега повторно гледа како други кандидати добиваат нешто што за неа останува недостижно – вели нашиот соговорник, дипломат од кариера и искусен аналитичар на состојбите во ЕУ, пошироките меѓународните односи и дипломатија.
Најтешката работа е непредвидливоста на Брисел
Тоа е можеби суштината на целиот овој европски процес. Државите можат да прифатат тешки реформи ако знаат што добиваат. Граѓаните можат да прифатат непопуларни одлуки ако постои јасен хоризонт. Политичарите можат да побараат двотретинско мнозинство ако можат да кажат: „Ова е последниот чекор пред следната фаза“. Но ако по секој направен компромис следува ново условување, тогаш се јавува спротивниот ефект. Не европеизација, туку замор. Не доверба, туку скепса. Не интеграција, туку прашање дали процесот воопшто има крај. И токму тука информацијата на „Политико“ добива тежина.
А новата европска слика изгледа вака. Црна Гора е најдалеку во техничкиот процес. Албанија отвори огромен дел од преговарачката структура и има амбиција за завршување на преговорите до 2027 година. Украина и Молдавија добиваат силен геополитички импулс и напредуваат низ новата архитектура на проширувањето. А Македонија, и покрај тоа што формално ги започна преговорите во 2022 година, останува пред уставниот услов што го блокира отворањето на првиот кластер. Босна и Херцеговина и Косово се во уште поинакви фази. А сликата е немилосрдно непредвидлива… Имено, четири држави добиваат мапа; три држави остануваат да чекаат, и Македонија е меѓу оние што чекаат… Тотално непредвидливо и несериозно. П.Р.

Премиерот Мицкоски: Нема информација дека Македонија ќе остане без патоказ за ЕУ
Не постојат информации дека Македонија нема да добие патоказ за пристапување кон ЕУ, порача премиерот Христијан Мицкоски осврнувајќи се на пишувањето на реномираниот бриселски медиум „Политико“. Премиерот тврди дека пишувањата на „Политико“ се нелогични кога Македонија како земја во два извештајни периода добива највисоки оценки за реформите.
– Ако е тоа точно, треба да ја прашате ЕУ зошто е тоа така. Таа информација ја објави медиум. Имајќи предвид дека ние испорачавме најголем дел од реформите што се дел од Реформската агенда и Планот за раст веќе во два извештајни периода и дека пристапувањето во ЕУ е процес во кој се оценува врз основа на заслуги, за мене ова е нелогично. Затоа треба да видиме дали е така или не е. Моите информации велат дека не е така – нагласи Мицкоски. П.Р.
Европратеничката Јовева: Не може и не смее земја кандидат за ЕУ да биде заложник на историски спорови, дебати за идентитетот или внатрешнополитички потреби на друга членка
Словенечката европратеничка Ирена Јовева, пак, неколкупати досега јавно го критикуваше Брисел, истакнувајќи дека постојниот европски систем ѝ дозволува на Бугарија да го злоупотребува за да ги кочи македонските евроинтеграции.
– Проблемот не е само што Бугарија го користи или го злоупотребува ветото. Проблемот е и што европскиот систем ѝ дозволува да го прави тоа. Ако една земја членка ги исполнува европските критериуми во одреден момент, таа не може и не смее да биде заложник на историски спорови, дебати за идентитетот или внатрешнополитички потреби на друга членка. Додека не го промениме ова, ќе биде многу тешко да се зборува за процес што е навистина заснова на заслуги. Бидејќи процес во кој една земја секогаш може да додаде нова пречка, повеќе не е мерење на напредокот туку политичка уцена со европски печат – објаснува Јовева.
Таа посочи и дека сомнежот во Скопје во однос на ефектите од евентуалното спроведување уставни измени е оправдан.
– Пораките од Брисел секогаш беа направете уште еден чекор и патот напред ќе се отвори, а тоа никогаш не се случи. Сѐ додека Европската комисија и секоја земја членка не бидат подготвени јасно да кажат дека исполнувањето одреден услов е крај на новите билатерални дополнувања, не можат да му морализираат на Скопје. Прашањето што ќе се случи дента по новите уставни измени е сосема легитимно. И тоа, според мене, не е евроскептицизам туку паметење на сѐ што се случи или не се случи досега – нагласува Јовева.
Словенечката европратеничка смета дека Брисел едноставно нема да даде посилни гаранции за евроинтеграцијата на Македонија, а може.
– Нема апсолутна гаранција, па ни за тоа дека никогаш нема да има друго вето по уставните измени. И ова мора искрено да се каже. Но доколку Македонија ги прифати уставните измени, тогаш, според мене, не треба и не смее да има уште една рунда на билатерална трговија, нов историски услов, ново интерпретирање на идентитетот, а најмалку од сѐ нова пречка што претходно не постоела. Иако официјалната позиција на ЕУ е јасна, дека уставните измени се неопходниот следен чекор за формален почеток на преговорите, сепак мислам дека Брисел треба да даде значително посилна гаранција од сегашната. На пример, јавно да ѝ го каже на Бугарија тоа што заслужува да ѝ се каже: не можеме да бараме од кандидатот да го одржи својот збор ако самите не сме подготвени да го сториме тоа. Ниту една земја членка не треба да има право да бара од друга држава да го промени сопствениот наратив за идентитетот како цена за ЕУ. Европската Унија не им дава право на нациите да постојат – заклучува Јовева. П.Р.
Боцевски: Македонија се соочуваше со пораки „земи или остави“ и „сега или никогаш“ барем пет пати во мандатот на Фон дер Лајен
Дипломатот од кариера, поранешен вицепремиер за европски прашања и наш редовен колумнист Ивица Боцевски се осврна на пораките што досега беа упатени до Македонија од Брисел во однос на европроширувањето како „конечни и крајни шанси“ во текот на мандатот на Урсула фон дер Лајен на чело на Европската комисија.
– Само во мандатот на Фон дер Лајен како претседателка на Европската комисија имавме барем пет такви точки кога Македонија се соочуваше со пораки „земи или остави“ и „сега или никогаш“. Скептичен сум дека Брисел ќе понуди план што ќе ги земе предвид демократските стремежи на македонските граѓани и ќе имаме своевидно рециклирање на досегашните предлози каде што Европа беспотребно е заглавена во еден уценувачки став кон Македонија – вели Боцевски. П.Р.
Македонија е натоварена со услови што ги надминуваат класичните реформски критериуми
- Европската Унија сепак има чесна можност да даде многу едноставен одговор. Ако услов се уставните измени, тогаш нека биде јасно кажано што точно следува по нив. Ако услов се реформите, тогаш нека биде јасно измерено кои реформи, во кој рок и со каква одлука следува напредок. Ако проблемот е во билатералните односи – нека биде кажано до каде може да оди нивната употреба како услов во пристапниот процес. И ако Македонија навистина е зад другите кандидати, тогаш Брисел нека објасни со мерливи критериуми, а не со политички впечаток. Зашто меритократијата не значи само барање од кандидатот да исполнува услови. Меритократијата значи и кандидатот да знае дека исполнувањето на условите произведува предвидлив резултат. Тоа е она што сѐ уште му недостига на Брисел
Ако прашањето е дали постои политичка неправда во чувството дека Македонија е натоварена со услови што ги надминуваат класичните реформски критериуми, тоа е легитимна теза и токму неа ја застапува претседателката Сиљановска-Давкова. Македонија повторно е оставена без јасен временски хоризонт во момент кога ЕУ почнува да создава таков хоризонт за други кандидати. А тоа е сериозен политички проблем.
Европската Унија сепак има чесна можност да даде многу едноставен одговор. Ако услов се уставните измени, тогаш нека биде јасно кажано што точно следува по нив. Ако услов се реформите, тогаш нека биде јасно измерено кои реформи, во кој рок и со каква одлука следува напредок. Ако проблемот е во билатералните односи – нека биде кажано до каде може да оди нивната употреба како услов во пристапниот процес. И ако Македонија навистина е зад другите кандидати, тогаш Брисел нека објасни со мерливи критериуми, а не со политички впечаток. Зашто меритократијата не значи само барање од кандидатот да исполнува услови. Меритократијата значи и кандидатот да знае дека исполнувањето на условите произведува предвидлив резултат. Тоа е она што денес недостига.
Македонија како тест за европската кредибилност
Сиљановска-Давкова во Салцбург го нарече проширувањето тест за стратешкиот капацитет на Европската Унија. И во една точка нејзиниот аргумент е тешко да се избегне. Ако ЕУ сака да биде геополитички актер, Западен Балкан не може да биде вечна периферија. Особено не регион во кој Русија, Кина, Турција и други сили се натпреваруваат за влијание. Во својот говор претседателката предупреди дека нејасната европска перспектива може да создаде геополитички вакуум и повика на повеќе меритократија и помалку непредвидливост. Тука македонскиот случај станува поголем од Македонија. Ако една земја направи историски компромис со соседот, го промени уставното име, продолжи со реформите, целосно се усогласи со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, а потоа повторно остане без јасен календар – тогаш проблемот повеќе не е само во таа земја. Проблемот е во кредибилноста на самиот процес на проширување.
Можеби Македонија не е формално елиминирана од европската трка. Но нејзината европска трка во моментов личи на трка во која некои од учесниците добиваат временска карта, а другите добиваат порака дека треба уште да трчаат, без да им биде кажано каде е целта. Тоа е суштината на новата европска дилема. Брисел може да каже дека Македонија сама е одговорна за уставните измени. Скопје може да каже дека по Преспа и сите претходни отстапки не може бескрајно да ја плаќа цената на билатералните спорови. И двете тврдења имаат своја политичка логика. Но една дилема сепак останува без доволен одговор. Ако правилото е дека Европа се добива со реформи, зошто Македонија по толку години сè уште нема јасен европски календар? Одговорот на тоа прашање ќе покаже дали новата политика на проширување навистина значи Европа заснована на заслуги или, пак, Европа со повеќе брзини, различни политички интереси и различни прагови за различни кандидати. А Македонија, по сè што направи досега, има право да го постави тоа прашање. Не како молба. Туку како прашање за кредибилноста на самата европска политика на проширување. П.Р.

































