ФУДБАЛ
- Плаќањата се дел од 104 милиони евра доделени на клубовите што ќе ослободат играчи за Лигата на нациите во сезоните 2024/2025 и 2026/2027 и за квалификациите за пласман на ЕП 2028, пишува УЕФА
Европската фудбалска унија (УЕФА) неделава ќе им распредели приближно 31,5 милион евра на клубовите што ослободија играчи за Лигата на нациите во сезоната 2024/2025, што е првата исплата во рамките на тековниот циклус на Програмата за клупски бенефиции, како што е предвидено со Меморандумот за разбирање помеѓу УЕФА и Европските фудбалски клубови (ЕФК), пишува УЕФА.
Плаќањата се дел од 104 милиони евра доделени на клубовите што ќе ослободат играчи за Лигата на нациите во сезоните 2024/2025 и 2026/2027 и за квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2028 година. Механизмот за распределба на програмата останува непроменет од претходното издание.
Според програмата, клубовите добиваат надомест по фудбалер, по натпревар, со стапка од 3.845 евра за секој настап на фудбалер што ги исполнува условите во списокот на натпревари на една репрезентација за натпреварите во Лигата на нациите и во квалификациите за пласман на Европското првенство, а за ЕП 2028 тоа ќе биде надомест по играч, по ден, пишува Европската фудбалска унија.
Од програмата за клупски бенефиции корист имаат 611 клуба од сите земји членки на Европската фудбалска унија, вклучувајќи и неколку аматерски клуба.
Тековниот циклус на клупски бенефиции, поврзан со континенталното фудбалско првенство во 2028 година, предвидува вкупна распределба од 244 милиони евра, вклучувајќи четири милиони евра што остануваат од програмата на Европската фудбалска унија за Европското првенство во 2024 година. Од оваа сума, 104 милиони евра се наменети за клубовите што ослободуваат играчи за Лигата на нациите во сезоните 2024/2025 и 2026/2027 и за мечевите во квалификациите за Европското првенство во 2028 година, дополнителни 140 милиони евра се резервирани за клубовите што ослободуваат фудбалери за финалниот турнир, а понатамошните исплати во рамките на програмата ќе се вршат во фази, како што ќе се завршуваат релевантните натпреварувања, пишува Европската фудбалска унија. Н.М.
































